За денот на вљубените, фановите жедно го сркнаа целокупниот музички багаж на Де Ла Соул; четири албуми (3 Feet High and Rising (1989), De La Soul Is Dead (1991), Buhloone Mind State (1993), и Stakes Is High (1996)), десетици ремикси, б-страни и инструменталки, бидејќи нивниот опус навистина тешко се наоѓаше во дигитална форма.
Проблемот е што Де Ла Соул правеа музика во поинакво време од ова. 90-тите беа златно доба на семплувањето и тогаш ретко кој мислеше на компликации околу авторските права какви што денеска постојат. Тие имаа по 60 семплови на еден албум што создава голема процедурална главоболка.
Нивниот прв издавач исчисти (обезбеди права за користење) добар дел од семпловите, но само оние што им биле познати. Поотоа се јавија адвокатите на групата Turtles на кои не им било платено за парче нивна песна. Тужеа и добија отштета од 1,7 милиони долари.
Дури и своевремено да биле обезбедени комплетните права за нечии аудио парчиња, тоа не значи многу за денешното издавање бидејќи со тие договори не биле опфатени дигиталните формати како .mp3 кои во 80-тите години не постоеа.
Денес постојат и софтвери (Pro Tools) и сајтови ( whosampled.com) кои го олеснуваат препознавањето на семпловите па ризикот е голем.
Ваквите компликации веројатно им се најпознати на Public Enemy кои имаат меѓу 150 и 200 семплови на еден албум. Само во првите 10 секунди на ‘Fight the Power’ се начичкани дури 17 парчиња од други автори.