Луковиќу, среќен роденден!

Петар Луковиќ (Џубокс, Ферал, Е-новине, XXZ...) долго време бие битка со карцином и досега има минато преку 20 хемотерапии. Еден од главните сојузници му е музиката па за својот роденден составил топ-листа на песни од пејачки кои го одржувале во ментална рамнотежа додека поминувал низ тешките моменти. Држ се, маестро.

Gretel Hänlyn – Apple Juice

Со неколку објавени синглови од кои не се знае кој е поефектен или позаразен, 19-годишната тинејџерка од Лондон, со право аплицира за највисоките места на топ-листите во 2023-та. Има препознатлив глас: колоритно богат, на места заводлив шепот а некаде рапав крик. Животот е поубав со нејзината музика. Потпишувам.

Panic Shack - The Ick

Оваа кратка ама заразна панк ствар пршти со лута енергија што ги ослободува и телото и умот од фрустрации или депресија. Вистинска адреналинска бомба: уживање со звук и слика (маестрално видео). Препорака: да се слуша гласно и - редовно. Лек без кој не се може. 

Black Honey - Charlie Bronson

Основана во Брајтон пред осум години, групата Black Honey стекна импресивна концертна репутација. Нивното искуство и зрелост направиле уште еден чекор напред со новиот сингл Charlie Bronson, една моќна, енергична и заразна песна со неодолив риф. 

Sprints – Little Fix

Ирскиот бенд Sprints годинава ме спасуваше секој пат кога ќе ме нападнеше немоќ или хемо-депресија. Нивните лековити панк-песни, особено Little Fix и Delia Smith, беспоштедно ме опсипуваа со енергија што фуриозно ми влегуваше во вените. 

The Waeve - Can I Call You

Поранешниот гитарист на Блур и пејачката Роуз Елинор Дугал го започнуваат својот заеднички проект The Weave со маестралната, епска и длабоко емоционална песна Can I Call You. Промените во темпото и атмосферата, заедно со беспрекорната продукција, го ставаат овој сингл на самиот врв на најдобрите песни за минатата година. 

CRAWLERS - I Don't Want It

Ливерпулските Crawlers веќе обезбедија импозантна репутација преку серија возбудливи синглови и мини-албумот Loud Without Noise. Базирани на панк/пост-панк идеологија, брилијатно левитираат помеѓу неодолива гитарска енергија и поп мелодичност, способни да ве фатат во мрежата на остроумните, ангажирани текстови. 

Sarah Wolfe - I'm A Star

Помпезниот наслов на деби-синглот (I'm a star) не е далеку од вистината. Нејзината вештина да спои брејкбитови, рок-гитари и свеж поп во примамлива музичка форма, ветува добра кариера. Нејзините иронични и цинични текстови се дополнителен адут и доказ за новостекнатата зрелост. Импресивно.

BABE - Keiner Kennt Dich

Во категоријата хедонистичко опуштање и разигран штимунг имаме шампион: тоа е германскиот бенд BABE сочинет од двоецот Лулу вон Бабе и Робин вон Бабе. Нивните забавни песни водат до денсинг екстаза каде нозете сами почнуваат да играат. 

Nemahsis - i'm not gonna kill you

Канаѓанката со палестинско потекло е една од оние автори чии песни се автобиографски и длабоко интимни. По Immigrant's Tale каде ја опиша мигрантската приказна на својата мајка, I'm Not Gonna Kill You е песна за расизмот кој непрестано шири исламофобија. Сè е совршено, ама боли: музиката, текстот, видеото. Песна што не се заборава. 

Fazerdaze - Break!

Фазердејз е од Нов Зеланд: пејачка, продуцентка и гитаристка што стана медиумска сензација благодарение на октомврискиот мини-албум Break! каде перфектно ја комбинира својата инди-енергија збогатена со хипнотичка, неодолива мелодија. Песна што го подига расположението и ја враќа насмевката на лицето. 

Zaho de Sagazan - La déraison

Не можам да прежалам што најдобрата љубовна балада во поново време нема видео, ама се тешам со тоа што и без тоа во својата глава можете да вртите личен филм во кој сè ечи од чувства, болка, копнеж и прекрасната интерпретација на Захо де Сагазан.

Згора на тоа, шармот и сензуалноста на францускиот јазик овде водат до автентична, непрекината екстаза. 

Teen Jesus And The Jean Teasers - Girl Sports

Австралијски женски панк квартет што со последното издание го подигна степенот на динамика до максимум. Оваа динамична песна се лепи за слушателот со експлозивна сила, особено со стиховите посветени на мачовците: „It's not hard to think of/ All the times that you/ Shouted at me from your car and/ What do you get from this?/ Do you feel so big and tough (tough!)/ Behind closed doors?/ This time I'm not asking, I'm just telling you/Fuck off (fuck off, fuck off)“. Брилијантно!

Eaves Wilder - I Stole Your Jumper

Тинејџерка од Лондон што кариерата ја започна пред неколку месеци кога ја објави I Stole Your Jumper, која поседува неодолива ритмичка лепршавост и хипнотичка гитарска тема, некаде помеѓу алт-поп и гранџ.

Нејзината песна за сексизмот и одмаздата сведочи за храброста личносто искуство да го постави како тема, што во комбинација со нејзината вештина ѝ гарантира возбудлива 2023-та.

Tommy Lefroy - Dog Eat Dog

Инди-бендот Tommy Lefroy поседува суптилен поп-сензибилитетот, засилен со цврсти гитарски ритмови и инфективни мелодии кои опуштаат, но и поставуваат прашања за емоционалните рани што никогаш не се безболни. 

Nilüfer Yanya - Stabilise

Најновиот албум на оваа британска пејачка, Painless, е рангиран високо речиси на сите топ листи за 2022-ра. Баш како и синглот подолу, албумот е наративна таписерија на која препознаваме дискретна панк прогресија, малку соул и фолк, но сè е до совршенство вклопено и претставува раскошна звучна гозба. Спектакуларно!

Петар Луковиќ

 

31 јануари 2023 - 16:29