Хејтерите на Битлси

50 години по нивното прво појавување на Би Би Си, за Битлси едногласно се мисли како за поп генијалци чија музика лесно ја освои публиката. Не баш. Повеќето слушатели на времето мислеле дека се шкарт.

Во раните 60-ти години Би Би Си бил главниот Јутјуб и Фејсбук за младите британски бендови кои барале пристап до пошироката публика. 

Меѓу нив и Битлси кои ја минале музичката комисија на овој канал, но, не без забелешки:

"Невообичаена група, не толку тврда како другите, малку повеќе кантри и вестерн. Џон Ленон: да, Пол Макартни: не," пишал во својата препорака тогашен член на комисијата.

Откако го минале филтерот, Битлси добиле прилика да настапат во 53 радио емисии на прочуената англиска фреквенција, во периодот 1962-1965.

Фанови добиле бргу но исто така и хејтери, односно оние на кои не им се бендисувала нивната музика. Би Би Си редовно правела истражувања на популарноста на своите програми кај консументите па по првото појавување на групата, 34 проценти од публиката им дала највисока оценка но речиси кај ист толкав процент (31), добиле најниска оценка.

"Битлси ги сакаат лица помлади од 20 години но останатите не се импресионирани... се жалат дека нивната музика е бучна, непријатна и дека ѝ недостасува разновидност", се наведува во еден од првите извештаи.

Во некои подоцнежни истражувања на куќата, Битлси добиваат дури и полоши оценки од првичните. Нивната музика слушателите ја оценуваат како губење време, ѓубре, времето одвоено за нив добива критика дека е непотребно арчење јавни пари а добар дел од слушателите кои биле љубопитни околу нивниот феномен не можеле никако да разберат зошто тие се толку популарни.

Кога во 1967-ма година Битлси го пуштаат филмот Magical Mystery Tour, од слушателите на Би Би Си добиваат дури 74 проценти негативни гласови и само 12 проценти високи оценки.

Но, дотогаш приказната за нив веќе е отидена и во САД и нивната глобална популарност веќе ништо не може да ја спречи.

 

4 јануари 2014 - 14:31