Ако Кобејн е гениј, зошто Вајнхаус е проблематична?

Деновиве излезе документарец за Кобејн и документарец за Вајнхаус. На хартија и двајцата се жртви на депресија надополнета со слава и наркотици, на филм Кобејн е претставен како човек во кој публиката верува и сака да успее, Вајнхаус (со истите проблеми) е исмевана и клеветена за своето однесување.

Сајтот Пичфорк прави анализа на двата документарци притоа објаснувајќи дека ова не е ни најмалку ново однесување на медиумите. Како примери тие ги даваат Џенис Џоплин и Џими Хендрикс. По смртта на Џоплин Њујорк Тајмс пишува дека нејзиното "однесување било експлозивно" и на неа се сеќава како "пиела од шише на концерти" и "го пцуела полицаецот во публиката." За Хендрикс, кој умира две недели пред нејзе, исто на 27 години, Њујорк Тајмс во воведот за него пишува "Врвот на музичкиот свет, екстравагантен перформер познат по својот сензуален стил," а во веста никаде не се споменува неговиот афинитет за мешање дрога со алкохол.

Слична е споредбата и со Били Холидеј и Кит Мун. Во посмртницата за Били Холидеј цел еден дел е одвоен за нејзиното апсење во 1947-ма и обвинението за наркотици. Во посмртницата за Кит Мун (години подоцна) е споменато дека "неговата смрт доаѓа во време кога тој изгледаше како да се опоравил од претерувањата во претходните години," без да се каже дека претерувањата се однесуваат на неговите проблеми со мешањето алкохол и дрога.

Трета споредба се Витни Хјустон и Мајкл Џексон. Витни доби сличен третман како Вајнхаус и беше претставена како зависничка вон контрола што довело до нејзиното предозирање. За разлика од нејзе зависноста на Мајкл Џексон од лекови на рецепта ретко кога се споменуваше, а и тогаш се припишуваше на неговата самотија предизвикана од славата.

"Начинот на кој некои заедници серат на 'естетската тага' на Лана Дел Реј додека истовремено поддржуваат емо бендови предводени од жени - не значи дека кој било од овие жанрови, дигресии и афинитети неопходно заслужуваат почит, туку дека постои поделба и дефинитивна, нефер полова подвоеност која е во корист на проблематичните мажи пред проблематичните жени - и нивното право да бидат проблематични. Мажите кои се соочуваат со проблеми кои коинцидираат со уметност и слава се канонизирани по нивната смрт; жените кои го прават истото стануваат помали, некако, заради нивната недвосмислена загуба," пишува Моли Бушма во Пичфорк.

24 јуни 2015 - 14:20