Групацијата ДОЛ е основана 1922 година, а со нејзината пропаст освен заминувањето на Та Неа и То Вима во историјата, меѓу другото се затвораат и радиостаница, агенција за истражување на јавното мислење, интернет-портал и продукциското студио АТА, а го губат и нивниот удел во акциите на ТВ Мега.
Одлуката на судот за стечај ѝ става крај на агонијата на раководството на ДОЛ, кои никако не успеаа да ја адаптираат огромната и богата компанија на условите на медиумскиот пазар и кризата во Грција.
Заминувањето на двата медиуми наиде на прилично обемно ликување на социјалните мрежи во кои се зборува за „пресметката на актуелната влада со центристичката и проевропска редакција, која останува најголем противник на популистичкото цунами“.
„Влијанието на овие медиуми во минатото беше огромно, па е јавна тајна дека многу грчки избори се решавани на редакциските состаноци на Та Неа и То Вима.
Ова не е прв пат судбината на грчките медиумски могули вака драстично да се менува. За разлика од легендарниот претседател, Христос Ламбракис, неговиот наследник Ставрос Психарис не само што ги изгуби влијанието и статусот, туку стана и гробар на најголемата грчка новинска куќа во историјата, стотици луѓе остави беа работа, а веројатно остана и без огромен капитал“, пишува српски Недељник.
Пред затворањето Та Неа имаше најголем тираж во земјата, од околу 14.000 примероци, а за групацијата ДОЛ, според извештаи на грчките медиуми, се смета дека има долг од 99 милиони евра, кој не успева да го сервисира во декември, поради што и е прогласен стечајот. Со месеци долгот на групацијата не се намалува значително и покрај тоа што сите нејзини приходи, без разлика дали од продажба или од реклами, директно се задржуваат од банките-кредитори.
Блокот што жали за затворањето на медиумите, најмногу му замерува на премиерот Ципрас, кој не само што не го спаси медиумскиот гигант, туку се смета и дека сето ова е негова одмазда за сите пречки што тие му ги имаат направено во минатото. Се смета и дека вака разретчената медиумска џунгла му одговара на Ципрас пред скорашните вонредни избори.
„Политиката владее со банките, а банките ја преземаат улогата на судството, па судат и елиминираат медиуми. Заглушувачкиот молк на владата, банките, сопствениците, акционерите и политичките партии, го исфрла на површина катастрофалниот факт дека 550 најдобри новинари во нашата земја, по 7 месеци без плата, конечно останаа и без надеж“, стои во соопштението на Атинската унија на новинари.