Уредничката на Снупс, сајтот за проверка на лажни вести и онлајн митови, Брук Бинковски, објаснува дека "постои цела индустрија за објавување на лажни вести, која профитира од реклами кога луѓето ќе почнат да ги споделуваат нивните статии." Овие сајтови најчесто се вадат на тоа дека се "сатира" или пак со мали букви е напишано дека се "само за забава."
"Кликбејтот е крал, па редакциите безкритички објавуваат некои од најужасните работи, што пак му дава легитимитет - така да кажам - на срањето. Не се сите редакции вакви, ама голем број се," објаснува Бинковски.
Гардијан ги пренесува искуствата на новинари од други британски редакции, кои објаснуваат дека речиси без проблем се објавуваат најсомнителни стории.
"Сето ова е како Дивиот Запад. Имаш уредник што ти дише над врат, а мораш да ги исполниш таргетите.
Причините за ова се комбинација од фактори. Имаш некои многу млади и возбудени новинари. Ако направиш сторија и таа стане вирална, тоа е крајно возбудливо. Но директорите се обидуваат да ги остварат таргетите, а притоа имаат млади новинари кои се неискусни и кои нема да ги извршат потребните проверки," објаснува за Гардијан еден од новинарите кој побарал да остане анонимен.
Слично сведоштво има и од друг новинар што исто така се држел до анонимноста, според кој "дефинитивно има притисок да се објавуваат вести, вклучувајќи ги и сомнителните, со цел да се добијат кликови, бидејќи тие се еднакви на пари. Посебно кај мојот поранешен работодавец притисокот беше заради ограничените ресурси. Ова ја правеше околината посебно ужасна за работење."
Меѓу примерите за лажни стории што успеале да им се протнат на светски медиуми, Гардијан ги наведува:
- Бризбејн тајмс, кој ја објавува веста за француската туристка која преку Јутјуб видео бара помош во откривање на мажот со кој имала секс за една вечер, по што останала трудна. Следниот ден весникот објави дека целата работа била наместена.
- Хафингтон пост и Дејли меил, објавија за 3-годишната Викторија Вилчер, со голема лузна на лицето, која била избркана од еден КФЦ ресторан затоа што ги плашела муштериите. Подоцна и двата медиуми го објавија соопштението на КФЦ дека две одделни истраги покажале дека немало таков случај.
- Индипендент и БиБиСи ја објавија веста за Австралијанецот со виетнамско потекло Phuc Dat Bich, кој се жалел дека Фејсбук му го суспендирал профилот заради неговото име. Тој немаше дадено ниту едно интервју за медиумите. Неколку месеци подоцна двата медиума, како и повеќе други, објавија дека тој го измислил сето ова "за да ги прелаже медиумите."