Текстот е на американска новинарка која завршува новинарство на универзитет во Калифорнија и од таму оди да работи во магазин во Шангај, каде минува 4 години. И покрај тоа што пред излегувањето на секој број сите текстови мора да бидат прегледани од цензорот, таа нема никаков проблем се додека не пишува една репортажа за нејзината посета на Ксинџијанг, автономен регион на Ујгурите, кој во основа воопшто не е автономен.
Инаку посетата е организирана од власта, а целиот текст што го пишува се базира на местата кои ги посетила како дел од турата, и за луѓето таму што ги запознала а биле гости на организаторот.
Околу целото искуство прави анализа, која ја почнува со заклучокот дека всушност се продала на кинеската влада и тоа евтино.
Околу праксата и тоа како функционира официјалната цензура во Кина:
"Како и сите други домашни изданија, се што пишувавме мораше да биде рецензирано пред да се пушти за печатење. Бидејќи бевме во Шангај, а нашите цензори во Пекинг, ова значеше дека секој месец мораше да го испраќаме целото издание од корица до корица. Потоа тие сечеа, уредуваа и го враќаа кај помошникот уредник.
Имаше очигледни работи за кои не можевме да пишуваме: Тајван, Тибет, Тиенанмен. Не ни беше дозволено ниту да пишуваме 'геј' во листингот за геј барови, без разлика на тоа што еден наш конкурент имаше редовна ЛГБТ колумна (различни цензори, различни правила). Оваа неконзистентност само работи во корист на системот. Недостатокот на дефинитивни правила поттикнува само-цензурирање. Нашите цензори исто така покажуваа параноја: во еден случај моравме да го смениме насловот на кој пишуваше: '64 Кинези влегоа на листата на милијардери на Форбс,' затоа што тие мислеа дека со дизајнот на 6-та и 4-та алудираме на 4-ти јуни, годишнината од задушувањето на про-демократските демонстрации во 1989-та, една од најзабранетите работи за спомнување."
Околу казните и нивното продолжено дејство врз остатокот од фелата, и генералното расположение:
"Се случува Кина повремено да затвора новинари, па очигледната цена на противењето кон цензорите може да го држи под контрола најголемиот дел од луѓето...
Луѓето што пишуваат сакаат да се противат на цензурата, ама тие се помалку подготвени да зборуваат за тоа како е да работиш под цензура. Кога го прават тоа често се спомнуваат срам, самотија и психичка болка. Кога градиш живот од букви, болно е да признаеш дека твојата работа му служи на репресивниот статус-кво, наместо да е причина за просветување. Грчкиот професор по право, Јорго Мангакис, кој во 1969-та завршува во затвор заради противење на воената хунта, ја нарекува цензурата 'дијаболичен уред за разорување на сопствената душа.' Додека југословенскиот писател Данило Киш зборува за самоцензурата како за подмолна и неотуѓива копија на цензурата; секаде каде што ја има, пишуваше тој, таа претставува 'опасна манипулација со умот, со тешки последици по литературата и по човечкиот дух'. Цената за поединецот е висока, и иако е тешко да се пресмета неговиот комплетен ефект врз јавниот говор, можеш да бидеш сигурен дека таа (цензурата) не е ограничена само на домашните медиуми или, во овој случај на мене и на другите, во кинеските граници."
За идејата дека авторитарните режими на долг рок ќе се уништат самите себе:
"Со децении политичките теоретичари веруваа дека авторитарните режими по природа се минливи и дека тие со тек на време ќе се урнат под сопствениот недостаток на легитимитет. Како и да е, во изминатата деценија, се поголемо внимание добива идејата за отпорноста на авторитарните системи. Кинеската владејачка партија ги проучи недостатоците на пост-комунистичките земји и ги адаптираше своите процеси и институции во согласност со ова.
Долгорочните изгледи за отпорност на авторитарните режими се уште се дебатираат. Ама во децениите од демократските немири во 1989-та Кина успеа да ја одржи контролата и да израсне во втората по големина економија во светот. Сега, земјата е полна со странски новинари кои не сакаат да ја загрозат својата работна виза и претставници на меѓународни технолошки компании кои отстапуваат пред цензурата во замена за пристап до кинескиот пазар... Голем број странци се привлечени во орбитата на недемократски режим кој не планира да си замине во скоро време."
Околу пишувањето под цензура:
"Што го прави трауматично пишувањето под цензура? Во неговите собрани есеи за цензура (Giving Offense - 1996), Џон Максвел Куци вели: 'Пишувањето под цензура е како да си интимен со некој што не те сака, со кој не сакаш да имаш никаква интимност, ама кој и покрај ова ти се наметнува.'"
Како за крај:
"Тешко е да се одреди кумулативниот ефект на кинеското влијание врз странските медиуми. Денешната медиумска средина е како експертско дело во Фотошоп: веројатно сите работи се уште се во сликата, ама рабовите се омекнати, светлото е регулирано, и кој може да каже колку ова искривување влијае на нашата интерпретација?
Ама кој и да е ефектот на цензурата, покорувањето на него не е форма на неутралност. Тоа е соучество: тоа е тактичен начин да се каже дека сме ОК со нешто помалку слобода, со нешто помалку идеи. Орхан Памук, против кој се водеше истрага во 2005-та, и беше обвинет за 'навредување на се што е турско,' во Burn This Book, ја напиша антологијата на Тони Морисон за цензурата, дека 'да промениш еден збор и да го спакуваш тоа на начин кој ќе биде прифатлив за секој во една репресивна култура е исто како да шверцуваш работи на царина... тоа е срамно и деградирачко.' Во Step Across This Line, Салман Ружди стига до слична метафора: 'Доброто пишување подразбира нација без граници. Писателите кои ги одржуваат границите стануваат граничари.' Или ја претставуваш необременетата вистина, или твоето пишување станува малтер на ѕидовите кои ја запираат дебатата. И двајцата писатели, го избираат кажувањето на вистината, и покрај сите проблеми што може да им ги донесе."
Што се однесува до авторката, нејзиниот текст за посетата на Ксинџијанг е објавен во магазинот после второто прегледување и адаптација од страна на цензорот.