Над 600 медиуми од Британија, Италија, Грција, Полска, Унгарија, Русија, Јужна Кореја, Турција... објавија наслови со ваков оглас, повикувајќи се на Шпигел. Германскиот весник објаснува дека не се работи за грешка во превод, ама уште помалку за оглас.
Медиумите масовно почнаа да ја преземаат веста откако во англиското издание на Шпигел излезе интервју со харвадскиот професор Џорџ Чрч, инаку вонсериски угледен и храбар истражувач во областа на генетиката. Во интервјуто, тој ги објаснува потенцијалите на науката систематизирани во неговото дело Регенеза и возбудливата иднина на новата гранка наречена синтетичка биологија. Меѓу другото, говори и за можноста да биде реконструиран нашиот најблизок роднина од минатото, Неандерталецот.
Притиснат од хистеријата на медиумите, професорот навестува дека се работи за грешка во преводот.
Шпигел го демантира ова велејќи дека на авторот му била пратена англиската верзија на авторизација и тој ја одобрил.
Шпигел не негира дека се разговарало за создавање Неандерталец, но само во теориска смисла. Професорот не барал мајка сурогат. Едноставно, во интервјуто бил искористен цитат од неговата книга во која вели дека "Неандерталец може да биде создаден со помош на сурогат мајка шимпанзо или некоја извонредно храбра и авантуристички настроена жена". Но, потенцира Шпигел, ова не е оглас или потерница туку само опис на потребните елементи на еден можен научен проект.