Кристен Годси во Њујорк тајмс потсетува на социолошка студија спроведена во Источна и Западна Германија по обединувањето во 1990, според чии резултати источногерманките имале два пати повеќе оргазми отколку жените од Западот.
Резултатите се крајно зачудувачки за истражувачите, посебно затоа што жените од Источна Германија "страдале од озлогласениот двоен товар на формално вработување и домашни обврски". Наспроти нив, по војната жените од Западна Германија претежно остануваат дома, плус во секојдневието уживаат во помошта и благодатите на технолошкиот напредок на Западот и апаратите за домаќинство. И покрај ваквата, наизглед, убедлива предност, сексуалниот живот на жените од Западот е послаб и во квантитет и во квалитет, од оној на жените кои мораат да чекаат во ред за да купат тоалет хартија.
Годси интервјуира неколку жени и нивните ќерки од Бугарија и Германија. Мајките се родени и се мажат во време на комунизмот, ќерките во годините по падот на истиот. И во двата случаи мајките ги жалат своите ќерки за нивниот неисполнет меѓу другото и сексуален живот.
"Овој генерациски јаз меѓу ќерките и мајките кои влегле во полнолетство пред и по падот на комунизмот, го потврдува тврдењето дека жените имале поисполнет живот во комунистичката ера. Тие овој квалитет на живот го должат, делумно, на фактот дека овие режими ја сметаат еманципацијата на жените како клучна за напредување на 'научните социјалистички' општества, какви што тие се сметаат.
Иако источноевропските комунистички држави имаат потреба од женскиот труд за да ги остварат своите програми за рапидна индустријализација по Втората светска војна, идеолошката основа за женската еднаквост со мажите е поставена од Август Бебел и Фридрих Енглес во 19-от век.
По доаѓањето на Болшевиците, Владимир Ленин и Александра Колонтај ја промовираа сексуалната револуција во раните години на Советскиот сојуз, а Колонтај бара љубовта да биде ослободена од економските перспективи.
Русија им дава целосно право на глас на жените во 1917, три години пред САД. Болшевиците исто така ги либерализираат законите за развод, ги гарантираат репродуктивните права и се обидуваат да го субвенционираат домашниот труд со инвестирање во јавни перални и народни кујни. Жените се ангажирани во работната сила и стануваат финансиски слободни од мажите," пишува Годси.
Таа ги реди научните студии од времето на комунизмот, во кои чехословачки сексолози во 1952 спроведуваат истражувања за женскиот оргазам и подоцна предлагаат дека еднаквоста меѓу мажите и жените е клучна за женското задоволство. Дел од нив бараат делење на домашните обврски меѓу двата партнери, во име на подобар секс.
Полски сексолози од периодот пред 1989, тврдат дека сексуалното задоволство не е ограничено само од телесното искуство, туку дека на него влијаат и општествените и културолошки околности. Тие тогаш порачуваат дека "дури ни најдобрата стимулација нема да помогне да се постигне задоволство, ако жената е под стрес или преработена, загрижена за својата иднина и финансиска стабилност."
Комунистичките режими низ целиот Варшавски пакт инвестираат огромни ресурси во образовани и обука на жени и во гарантирање на нивната вработеност. Државни комитети на жени работат на едукација на момчиња дека треба да ги прифатат девојчињата како еднакви на себе, и дека шовинизмот е остаток од пред-социјалистичкото минато.
Според Годси, иако комунистите не успеваат целосно да го решат проблемот, жените од овие режими имаат степен на само-доволност кој го има ретко која жена од Западот.
"Жените од Источниот блок не мора да се мажат или да имаат секс за пари. Социјалистичката држава ги подмирува сите нивни основни потреби, а земји како Бугарија, Полска, Унгарија, Чехословачка и Источна Германија одделуваат дополнителни ресурси за поддршка на самохрани мајки, разведени жени и вдовици. Со исклучок на Романија, Албанија и СССР на Сталин, најголемиот дел од источноевропските држави гарантираат пристап до сексуално образование и абортус," пишува Годси.
Со падот на комунизмот и масовното бришење на придобивките од тоа време, се губи и целиот напредок што се постигнува за жените. (Иако дел од феминистките не се задоволни и со тој напредок бидејќи "не бил изборен од независни женски движења, туку претставува еманципација од горе".)
"Затоа што се бореле за сексуална еднаквост - на работа, дома и во спална - и биле подготвени да ја спроведат, комунистките кои држеле позиции во државниот апарат може да бидат наречени културолошки империјалисти. Меѓутоа ослободувањето што тие го наметнуваат радикално трансформираат милиони животи низ планетата, вклучувајќи ги и оние на голем број жени кои се уште се меѓу нас како мајки и баби на возрасни луѓе кои сега се во демократски држави членки на Европската унија. Инсистирањето на овие другарки на државна интервенција може изгледа премногу грубо за нашите постмодерни сензибилитети, меѓутоа понекогаш социјалните промени имаат потреба од објава за еманципација од горе," пишува Годси.