За време на служењето на воениот рок, владиката Јован се запознава и се дружи со членовите на словенечкиот бенд Лајбах за кој вели дека е „многу повеќе од бенд“.
„Тоа е еден голем уметнички проект кој заедно со она што се нарекува Neue Slowenische Kunst има иницијална каписла во рок музиката и поп културата, но проектот не може да се разбере без разбирање на историските авангарди, односно без историјата на мислата и уметноста во 20-от век“, вели Јован Ќулибрк во интервју за српска Нова.
Додава дека на размислувањата на Лајбах несомнено влијаело едно друго комплексно уметничко дело кое го преиспитува националниот, духовниот и културниот идентитет; албумот „Одбрана и последни денови“ на белградски Идоли (еден од основачите на Лајбах, Дејан Кнез, во тоа време служи војска во Белград).
„Лајбах тоа го доведоа до еден позитивен екстрем во текот на своето 40 годишно постоење додека Идоли на следниот албум се вратија на друг уметнички модел. Меѓутоа, длабинската мисла на тој албум на Идоли остави далеку поголемо влијание отколку што ние можеме да замислиме“.
Владиката Јован вели дека британскиот пост панк бенд Џој Дивижн му го има променето животот „од истите причини поради кои некои други велат дека животот им го променил Достоевски.“ По него, Јан Кертис на себе го презел товарот на залезот на Западот, кризата на идентитетот, кризата на она што е и она што не е, дека тој тоа го согледал и дека тоа го има скршено. Неговото самоубиство е симболичен крај на рок и поп културата на западниот свет.
„Уште некое време после тоа имавте големи движења и уметнички дела (Лајбах, Neue Slowenische Kunst, Dead Can Dance), но одеднаш се појавува ‘Live Aid’ и тука сè исчезнува, а поп културата, односно рокот, станува само дел од една голема машинерија. После тоа немате големи движења. Имате гранџ и техно но тој механизам и таа индустрија всушност го убива Курт Кобејн. Не е без причина што тој во своето проштално писмо го спомнува Фреди Меркјури бидејќи Мерјкјури беше пример на некој кој е дел од индустријата на забава и ужива во тоа.“
И денес постојат големи уметници но само поединечно додека поп културата веќе ништо не значи освен обична забава, оценува српскиот владика.