Петар: Дали сте свесни колку многу фанови имате во нашата земја, посебно во Скопје? Можам слободно да потврдам дека Скопје е Дуран Дуран град!
Ник: Поласкан сум што го слушам тоа. Пресреќни сме што доаѓаме, никогаш до сега не сме свиреле таму во текот на целата наша кариера, а секогаш е одлично кога одиш на некое ново место. Посебно кога стануваме свесни дека таму не чекаат фанови кои до сега не сме ги запознале.
Петар: Да, тие се сите тука и нестрпливо ве очекуваат.
Ник: Искрено сме возбудени за нашето доаѓање таму. Доаѓаме на лето кога веќе турнејата е во поодмината фаза, што значи дека веќе со месеци свириме константно и концертите се на највисоко ниво.
Петар: Доаѓате со комплетно нов албум, но сигурен сум дека ќе слушнеме и некои од класиците на бендот на концертот во Скопје.
Ник: Секако, посебно ако настапуваме некаде за прв пат, тогаш тоа е прво претсавување на нашата музика пред публиката во живо. Тогаш бираме песни кои се провлекуваат низ целата наша кариера, материјал за кој веруваме дека публиката со сигурност го познава.
Петар: Ќе останам на темата за вашиот последен албум All You Need Is Now. Него го продуцираше Марк Ронсон кој ве запознал уште кога бил мало дете, а станал и ваш најголем фан. Какво беше чувството да бидете продуцирани од ваш фан?
Ник: Марк е генерално голем музички фан. Има огромно познавање за музика кое опфаќа повеќе жанрови на музика од хип хоп, рок, поп, денс музика, а истовремено е и извонреден музичар. Прв пат се запознавме со него пред четири години во Париз, заедно работевме на еден проект. Прв пат официјално, но всушност го запознавме кога тој беше многу мал, ги познававме неговите родители. Кога почнавме да работиме заедно веднаш беше очигледно дека тој претставува совршен баланс за нас. Тој разбираше се, тој беше наш фан, па така знаеше се за нашата музика, знаеше што нему му се допаѓа, а исто така знаеше и што нашите фанови би сакале да слушнат. Тој ни рече „Сакам да направам Дуран Дуран албум што фановите на Дуран Дуран ќе го сакаат". Мислам дека таа перспектива беше од голема помош, тој навистина детално ги разгледа сите страни на тоа како бендот свири заедно, за кои тој мислеше дека ќе функционираат силно.
Петар: На претходниот албум, Red Carpet Massacre, го имавте Тимберланд како продуцент. Можеш ли сега да направиш споредба помеѓу соработките со првиот и вториот?
Ник: Мислам дека соработката со Марк Ронсон за нас беше поуспешна, албумот звучи многу повеќе како традиционален албум на Дуран Дуран, но прилагоден на денешниот звук. Додека она што го правевме со Тимберланд беше еден вид на експеримент, се обидувавме да создадеме фузија помеѓу битовите на Тимберленд и звукот на Дуран Дуран, за да видиме дали можеме да добиеме нешто сосема поинакво. Во таа смисла мислам дека имавме успех, сметам дека од таа соработка излезе интересен албум. Но од гледна точка на нашите фанови не беше толку успешен, бидејќи ним не им се допадна звукот, толку колку што им се допаѓа на новиот албум.
Петар: Го слушнав ова и претходно, но би сакал да знам и твоето мислење. Дали и ти мислиш дека All You Need Is Now е на некој начин наследник на Rio?
Ник: Мислам дека ова е коментар кој го даде Марк Ронсон. Тој дојде и ни рече „Првите два албуми го сменија начинот на кој размислував за музиката во тоа време, сакам да направам нов албум кој ќе звучи слично и ќе ја има таа енергија" и од таму доаѓа тоа размислување. Реално не седнуваш физички и со намера да правиш следбеник албум на оној што си го направил 30 години претходно. Но, она што го направивме за прв пат во нашата кариера, а тоа е да погледнеме назад и да видиме што е она што сме го правеле порано, а би можело да се вклопи и во сегашноста. Што било тоа во нашиот звук со кое што нашата публика се поврзала. Еве од моја гледна точка, почнав повторно да користам многу електронски секвенци кои не ги користев многу во последните години. Сајмон влета со наговите хармонии, нешто што го правеше и на албумот „Рио". А Џон и Роџер се потпираа на денс ритмовите, нешто што не го правеа веќе некое време. Така сиве овие работи ни овозможија да се фокусираме на тоа кој беше звукот на Дуран Дуран во својата срж. Според сето ова, верувам дека има елементи на новиот албум кој се поврзани со „Рио".
Петар: Бидејќи спомена како сте го инспирирале Марк Ронсон, сигурен сум дека сте инспирирале многу други светски бендови како The Killers, Panic At The Disco и многу други. Што мислиш за нив и дали си горд кога ги слушаш?
Ник: Ги обожавам Килерс, сметам дека тие се еден од најдобриот бенд од Америка во последната декада. Брендон има одличен глас, а ми се допаѓа и нивниот енергичен звук. Кога прв пат ги слушнав, всушност Сајмон Ле Бон ми ги пушти, тој го слушнал нивниот прв сингл, рече „Мораш да ја слушнеш песнава, навистина ми се допаѓа, почувствувај ја енергијата". Препознав нешто од нас во нив и ми стана јасно што нему всушност му се допаднало, беше возбудливо. Многу од музиката денеска ми звучи генерички, посебно R'n'B и денс музиката. Ставена е во некаков обрач и нема вистинска динамика и воопшто не е возбулива. Па кога ќе слушнеш некоја песна, како онаа на Килерс таа се истакнува. Така што, ако ние сме имале некакво влијание врз нив, тогаш тоа ме прави горд.
Петар: Од друга страна, кој влијаеше врз вас? Можеме ли да кажеме дека тоа е Дејвид Боуви?
Ник: Да, во голем дел тоа е Дејвид Боуви. Има примарно влијание врз нас, но ние навистина сакавме различни типови на музика, како Sex Pistols кои всушност беа панк рок бенд, The Clash, The Buzzcocks и тоа ни ја даде енергијата и разбрануваноста која што ја баравме во првите неколку албуми. Тоа дојде од таа сцена, кога за прв пат видовме луѓе кои што се толку млади како ја свират нивната музика и се поврзуваат со луѓето. Во исто време и диско музиката го земаше својот замав, нешто за што многу луѓе веруваа дека не е доволно кул, но кога ги слушнавме песните како Good times - Chic, или We are family од Sister Sledge и секако I feel love на Donna Summer, која имаше огромно влијание врз мене лично, сфативме дека тука има материјал за работа. Ако само успееме да ги вркрстиме денс музиката со рок и панк музиката дека можеме да создадеме нов невообичаен звук. Така што имавме многубројни влијанија, наjголемиот број од тие влијанија се од 70-тите. Мелодично влијание врз нас имаа бендови икони како The Beatles, The Doors, Сајмон е огромен фан на Џим Морисон, за мене Крафтверк, Џорџо Мородер... Ги имаше многу, ние се уште сме големи музички фанови, конзумираме многу музика.
Петар: Можеш ли да именуваш некои од најсветлите и најздодевните моменти од историјата на бендот? Најсреќните моменти или места на кои кои се каеш?
Ник: Не сакам да се каам, без разлика дали е тоа некоја грешка која сме ја направиле или пак можеби бендот не е во успешен период, без разлика дали е тоа артистички или комерцијален неуспех. Учиш многу од нив па така не можам да кажам дека жалам за нешто конкретно. Секако Liberty албумот е една од оние работи за кои верувам дека можеа да бидат подобри. Со Џон многу често зборуваме да се навратиме на него и да го поправиме, бидејќи тоа беше навистина многу подобар албум отколку што на крајот излезе, но едноставно не можевме да го доловиме во тој момент. Но научивме од грешката со тој албум па се вративме назад во студио и го снимивме можеби еден од нашите најдобри албуми во деведететите The Wedding album. Она каде згрешивме со Liberty тоа што не му се предадовме на албумот, не им посветивме доволно внимание на текстовите, не посветивме доволно внимание на музиката. Но, кога работевме на The wedding album тоа се исплатеше бидејќи ги создадовме песните како No ordinary world, Come undone кои се дефинитивно нешто најдобро што го имавме направено во последните неколку години. Тешко е да се посочат поединечните моменти кои сме ги имале... јасно е да се погоди дека Live aid е еден од важните настани, бидејќи тоа е еден од деновите кога музиката навистина го промени светот барем на малку. Правењето на саундтрак за Џејмс Бонд филмот A view to a kill беше воодушевувачки за сите нас, бидејќи сите ние пораснавме, но сеуште сме големи Џејмс Бонд фанови. Неодамна направиме филм со режисерот Дејвид Линч нешто што за сите нас беше фантастично, бидејќи сите сме ние негови фанови уште од времето кога бевме тинејџери. Го гледав неговиот прв филм Eraserhead кој имаше длабоко влијание врз мене, никогаш претходно немав гледано нешто толку чудно и прекрасно. Сметам дека работата на Линч низ годините е спектакуларна и еве не нас после 30 години како Дуран Дуран снимаме филм со Деjвид Линч. Тоа беше сјаен момент. Последната година беше прилично добра за нас. Ја стартувавме турнејата која е спектакуларна, свириме на различни места. Свиревме и на Коачела фестивалот во Калифорнија, тоа е една од оние масовни свирки, а ние никогаш претходно немавме настапено таму и тоа беше одлично. Потоа соработката со Марк Ронсон. Снимањето на видеото за Girl panic со сите супер модели беше посебен момент за нас. Значи беше ова одлична година.
Петар: Дури и минатата година кога ја добивте наградата на магазинот GQ за животно дело на нивната годишна награда за Мажи на годината, ти изјави дека 2011 била најдобра година за бендот до сега.
Ник: Да, јас верувам дека тоа е апсолутна вистина. Никогаш не знаеш кога оваква година ќе се случи повторно и се додека си среќен и полн со ентузијазам и желба за работа, во состојба си да ја режираш својата судбина, на некој начин. Со самото тоа што го одбравме Марк Ронсон да го продуцира нашиот последен албум, одлучивме да имаме феноменален Дуран Дуран албум. Мислам дека го постигнавме тоа. Секогаш влегуваш во процесот на работа со таа идеја на ум, но се до крајот не знаеш што постигнуваш. Во оваа ситуација ние навистина успеавме да ги постигнеме сите свои цели.
Петар: Ти го креираше Дуран Дуран кога имаше 17. Тоа значи дека си го пропуштил формалното тинејџерство, веројатно најважниот период од животот на секој човек. Заради тоа слушнав дека никогаш не си научил како да управуваш со автомобил, има ли уште нешто друго што не си го научил?
Ник: Всушност научив како да возам кола, отидов и на полагање, но паднав на тестот. Многу мизерно. Сигурен сум дека не требаше да паднам на тестот бидејќи возев сосема во ред, но мислам дека на инструкторот кој беше во комисија баш и не му се допаѓаше како изгледам. Мислам дека повеќе беше фоксуиран на мојата плава коса и шминката, наместо на моите возачки способности. Толку бев вознемирен поради тоа во тоа време што си реков "Добро, ќе продолжам со нештата како и до сега, ќе се возам со такси, возови, лимузини" и никогаш немав време да се вратам на тоа и да положам возачки испит. Кога подобро ќе размислам и не сакам да знам да возам, не ми треба, тоа е уште едно вознемирување кое не ми треба. Тоа се одлуки кои мораш да ги направиш во животот.
Петар: Која според тебе е ултимативна икона на стилот?
Ник: Има неколку такви во светот... За мене вистинска икона на стилот е Грејс Џонс. Се знаеме многу години и среќен сум што можевме да работиме заедно за време на проектот Аркадија. Она што таа секогаш успева да го направи е да обрне посебно внимание на деталите, елеганцијата, убавината и оригиналноста, како и смислата за хумор, се она што јас многу го почитувам кога е стилот во прашање.
Петар: Претпоставувам дека еден од највозбудливите периоди во твојот период е оној за време на пријателството со Енди Ворхол и ноќите во Студио 54. Младите луѓе денеска можат само да претпостават што се се случувало тогаш во тоа време, па дали можеш со нас да споделиш со нас барем дел од таа магија од тоа време, ти недостасува ли?
Ник: Не ми недостасува ниту едно време. Не сум носталгичен. Задоволен сум од сознанието дека некогаш сум имал соврешно време во различни периоди, па дури и кога не ми било толку убаво. Но, нешто што со сигурност беше многу интересно во тоа време е што Њујорк беше како центар на Универзумот, за мене посебно, затоа што растев со желбата да одам во Њујорк, целата таа сцена заедно со Енди Ворхол, Велвет Андрегроуд, Лу Рид, бендовите како Њујорк Долс, Иги Поп, иако е од Детроид за мене тој потекнува од Њујорк, целата таа уметност која потекнуваше од таму... Кога прв пат отидов таму во почетокот на 80-тите беше тоа неверојатна сцена за модерната уметност. Она на што најмногу се сеќавам од тоа е време е познанството со Кит Херинг, Жан Мишел Баскија, кои беа апсолутно единствени уметници, како и Франческо Клементе и Џулијан Шнабл, кои и понатаму работи неверојатно. Во сето тоа Енди Ворхол беше центарот на сите овие нешта. Тој беше еден од најљубопитните луѓе кои некогаш сум ги запознал, никогаш не изгуби интересен и возбуда за она што беше ново во светот. Тоа беше од голема помош да се види на почетокот од нашите кариери дека некој кој е во своите 50-ти години од животот изгледа и делува помладо и поенергично од некои млади деца во своите 20-ти. Тој имаше толку многу модерен поглед кон се. Да се биде околу него беше вистинска инспирација, без сомнение. Некои од работите кои тој ги создаваше во тоа време луѓето ги сметаа за бесмислени, безвредни, небитни во споредба со неговите дела во текот на 60-тите, а тој сепак правеше фантастични работи само луѓето некако беа повеќе приврзани со почетокот на неговата кариера, што често го прават, па дури и со нашата музика. Но, јас мислам дека тоа беше многу креативен период за повеќето уметности, за модата на пример, ако ја погледнете декадата на 80-тите ќе најдете личности како Џани Версаче, Џорџо Армани, Жан Пол Готје кои тогаш се појавија. Џон Галијано кој тогаш ја почнуваше кариерата. Тоа беше период во кој се славеше индивидуалноста, беше многу важно да си единствен, за разлика од 90-тите кои се развија во време во кое беше важно да се вклопиш, да ги имаш истите фармерки, истите патики, истата маица... 80-тите беа целосно спротивни од тоа.
Петар: Кога сте на турнеја, сигурен сум дека секој од вас има посебни желби и барања. Можеш ли да споменеш некои од твоите?
Ник: Кога патуваме во градови во кои не сме биле до сега јас обично сакам да добијам идеја каков е тој град. Со оглед на тоа дека обично престојуваме по 24 до 48 часови во тие градови, многу малку време останува да се фокусирам на било што надвор од концертот. Затоа сакам да прошетам наоколу доколку е возможно, барем да го видам центарот на градот и како изгледа. Ако има повеќе време сакам да посетам уметничка галерија или нешто специфично по што градот е познат. Само да пробам да разберам барем малку за културата на тоа место. Често не сме толку среќни да добиеме толку време, а исто така морам да сочувам и енергија за концертот. Особено ако сме стигнале покасно, не можам да излезам да шетам 3-4 часа и да се изморам пред концертот. Она што за сите нас е најважно каде и да сме е да излеземе на сцена и за тие неколку часа да го дадеме најдоброто од себе за публиката.
Петар: Дуран Дуран беше омилиениот бенд на Принцезата Дајана. Што мислиш за идната принцеза на Британија - Кетрин Мидлтон?
Ник: На сите нам ни е миленичка. Таа е многу елегантна и елоквентна. Таа сега е претсавник на Британија. Ми делува дека е многу едноставна за комуникација, приземна девојка, што е многу важно кога си во таква позиција. Мислам дека многу луѓе тоа го замислуваат само како живот со лимузини и приватни авиони и немање никаква друга обврска, но тие сите мораат да работат многу напорно за брендот Велика Британија. И мислам дека на сите нив им успева, бидејќи колку и да се уморни од патување по светот во различни земји, исклучително е важно да си изграден како вистинска личност и да имаш карактер со кој ќе знаеш како да се поврзеш со луѓето и да оставиш добар впечаток. За сега се изгледа добро но ќе мораме да почекаме неколку години и да видиме како ќе се одвива.
Петар: Ќе се откажеш ли некогаш од шминка?
Ник: Зависи... Тоа е една од оние работи кои се со мене уште од времето кога бев тинејџер и не мислам дека е страшно кога се појавувам на сцена да ставам малку шминка за да ги направам работите малку подраматични. Кога се чувствам малку уморен, а треба да одам во шопинг, обично ставам наочари за сонце и капа.
Петар Ѓошев