„Тапкаме во место бидејќи свесно или несвесно, така е решено. Во мојата наука зборот ‘knowledge’, знаење, речиси и да не се појавува. Тоа станаа некои бивши зборови од некои бивши времиња, па наместо „знаење“ се појави „технологија“. Гледајте ги финансирањата на истражувањата. Нема тука финансирања на изненадувања, на големи промени какви што се случија кон крајот на 19 и почетокот на 20 век. Ова сега е досадно! Прекрасни се тие инженерства, прекрасни играчки за деца, но некој, некако, можеби несвесно, решил дека не треба да се инвестира во знаење, дека не ни треба повеќе знаење туку повеќе технологија. А тие технологии не размислуваат сами по себе, тие се орудија, алатки, помагала, а ние мораме да имаме идеја за што ќе ги употребиме. Изгледа сме во дефицит на идеи, во дефицит на вистински откритија. Такви, во последниве 40-50 години, немаше.
Она што Тесла го направи со својот труд, она што беше летот до Месечината или уште подобро, првиот лет на Спутник, такво нешто да го продрма општеството и народот, да го стресе како мокро куче, поинаку би се гледало на животот. А после тоа проблемите повторно би се акумулирале и по некое време повторно би се појавила потреба од ресетирање, од прочистување на непотребното и токсичното“.
Вечерњи лист: Се чини дека не научивме многу во овие стотина години од Шпанската грозница, но и дека вакви болести имавме и во меѓувреме, но не со ваква глобална реакција. Што се има случено?
Мирослав Радман: Тешко е да се каже, можеби некој решил да направи експеримент со јавното мислење, колку е лесно или тешко да се менуваат навиките, или да се манипулира со луѓето, не знам, кој ќе го знае! Но навистина е диспропорционално во однос на другите, реални опасности од кои се умира стотина или илјади пати повеќе, кога зборуваме за бројки. Да се навикнеш да умираат 50.000 луѓе а да не навикнеш дека ќе умрат уште 400, тоа е интригантно. За жал, не нудам никакви решенија но ми се чини дека сме многу неускладени во реакциите на опасностите. Постојат и интереси кои не се чисти интереси на јавното здравје а влијаат и на научниците и на науката: одеднаш, има повеќе пари за 400 мртви луѓе отколку за оние 50.000. Тоа се чудни игри и не ги разбирам, но се разбира дека ме копка дали оваа збрка е инсценирана или спонтана. Немам одговор.
Тоа значи дека во меѓувреме, како општество, сме регресирале. Зошто?
Ми се чини дека тоа почна во Америка па како културен пример се прошири на Европа. А тоа е концептот на нула ризик. Се работи за многу глуп концепт. Знаеме, а сега зборувам за стриктна наука, дека ништо не е поопасно по животот отколку да се живее. Ако пушам два пати повеќе цигари или ме озрачат со двојно поголема доза, ризикот од некоја малигна болест се зголемува за два пати, линеарен е. Но ако прејдам од 30 години на 60 години живот, ризикот од болест и смрт се зголемува за отприлика 32 пати! Ништо не е поопасно за животот од тоа да се живее. А како да се живее со нула ризик? Се продаваат илузии, за увото атрактивни термини како што е нула ризик, во смисла биди добар, однесувај се како што ти кажуваме и ќе живееш вечно здрав и среќен. Тоа е непотребен шум во функционирањето на општеството.
********
Види и:
Доктор Мирослав Радман: Да не го изгубиме здравиот разум на селаните