Интервју за Офф.нет:

Милчо Манчевски: Кругот е како пита пастрмајлија

„Станав режисер само за да бидам сигурен дека некој режисер нема да ми го зезне сценариото,“ вели човекот кој во филмовите сака да си игра со времето и кој би се убил од досада да треба да прави конфекциски филм. Признава дека со текот на времето, сè поважна му станува добрината на човека, а сè помалку дали е некој паметен, талентиран или успешен. За уплавот на Холивуд (oд различното), за смртта на Дебар Маало (од Мирослав Грчев), за тоа како би изгледал Ајрон Мен кога тој би го режирал, за тоа како е можно во време во кое е толку лесно да се провери вистината, толку да се лаже на ангро. И за разнимити други работи, Милчо Манчевски, изволте.

Некаде над облаците на 11 илјади метри надморска височина е авионот со број на лет SK908, и коридор од Њујорк до Осло. Меѓу патниците е и човекот кој деновиве често е низ белосветските аеродроми. Во патничката кабина е мирно и речиси сите спијат. Не и тој. Летот трае 9 часа и 35 минути. Над неговата глава свети светилката, а пред него е отворениот лап-топ. Се загледува во екранот и почнува да типка по тастатурата. На момент погледнува низ прозорецот и веднаш потоа продолжува да пишува. Понекогаш како да се насмевнува, ама понекогаш мртов сериозен застанува и се подзамислува. Мислите му се мешаат. Вечерта го чека премиера, па проекција на неговиот прв филм, па во деновите потоа уште неколку летови, премиери, и конечно за една недела ќе биде во Скопје. Таму ќе му биде полесно. Такси не му треба, го има точакот, ќе изигра можеби некоја партија баскет, ќе седне во Чамо на чорбичка, ќе наврати во Балет ако заглави ноќе, ќе му мине времето до 22 март, кога е закажана премиерата на Бикини Мун. Сè е поинаку дома.

Пишува и разговара: Ноне Абрашева Ноциќ

Капетанот најавува лошо време над Скандинавија. Ќе врне. Времето Пред дождот, секогаш е тмурно, тешко. Облаците се огледуваат во своите Сенки долу на земјата. Натежнува времето. Откако ќе преврне, воздухот станува полесен. Се дише. Нема Прашина. Истекува таа низ водотеците и се влева во големите води. Не го мачи него лошото време, не. Челото му се збрчкува кога ќе помисли колку обврски го чекаат следните неколку недели, му доаѓа да спомене и Мајки и шајки, но продолжува да пишува. Би било полесно да има интернет па да си ги пушти Вејтс, Штулиќ, Џајковски, Новоградска... Ама, нема. Некој од патниците што го препознава, помислува дека пишува сценарио за нов филм, или макар синопсис... Не, не, не е тоа. Сценариото за новиот филм е готово. Врба ќе се снима наскоро во Скопје. Време е да се освои уште еден Бастион! Стјуардесите веќе неколку пати поминуваат нагоре-надолу меѓу редовите, а тој продолжува упорно да удира по тастатурата.

„Така ми треба“, помислува, „кога немам време за разговор во живо. Одговарај ги сега со саати прашањата за Оффнет, наместо да дремнеш малку, како секој нормален човек. Ама, ти тој филм нема да го гледаш“, изустува само за себе и тивко воздивнува...

***

Во остатокот од филмот Милчо ќе продолжи да го мери времето по своја мерка. Ќе знае дека од сите уметности филмот е најдобар медиум за разговор со времето и разговор за времето. Тој и натаму ќе го претвора времето во простор и ќе го лови времето со филм. Една секунда кај него е еднаква на 24 фрејма, или горе-доле пет сантиметри. Затоа кај него вековите никогаш не завршуваат...

Конечно Бикини Мун во Скопје! Покрај одличните критики што досега ги доби, коментарите се дека концепциски и технички малку сте се оддалечиле од Вашиот досегашен, препознатлив потпис. Се сложувате ли со ова?

Јас со секој филм истражувам и пробувам нешто ново. После „Пред дождот“ сите очекуваа уште еден таков филм, а јас го направив „Прашина“. После „Сенки“ луѓето не очекуваа концептуално безобразен филм како „Мајки“, кој директно меша документарно и играно. Човек мора да си игра за да прави добра уметност. Се разбира, покрај играњето, треба и да се здрви од работа, ама на почетокот мора да има игра. Видете низ колку фази поминал Пикасо или како Милош Форман се ре-измисли себе како автор откако од Чехословaчка се пресели во Америка. Жални ми се тие уметници што се толку стегнати и уплашени од неуспех, па го повторуваат истиот филм цело време. Значи, ако човек знае дека со секој филм јас правам нешто ново, нема да биде изненаден од Бикини Мун. Овој филм сериозно чепка во формален експеримент, ама е многу доследен. Како и да е, што е тоа авторски потпис? Кој е потписот на Пикасо? Или на Раушенберг? Или на Битлси? Има добро дело или лошо дело, сè друго е позирање и кажување гачки. Бикини Мун е филм кој ме радува оти со него откривам нови филмски можности и ја водам публиката на неочекувано патување.

Гледачите ја следат Бикини преку камерата на документаристите, односно филмот е направен и осмислен како филм во филм, каде вознемирувачки, немирно, непредвидливо, е опишан животот на една воена ветеранка која станува бездомничка. Болни, декадентни, лицемерни, демагошки, шизофренични ли се современите општества, тоа ли меѓу другото сакавте да го покажете?

Да, има многу лицемерие, ама има и добри луѓе. Како поминува времето, сè поважна ми станува добрината на човека, а сè помалку ми е важно дали е некој паметен, талентиран или успешен. Бикини е жртва сè до моментот додека не го претвори својот најголем проблем во предност. Инаку, не знам дали денешното општество е полошо од вчерашното. Порано животот вредел многу помалку. Луѓето лесно гинеле од меч или од чума. Денес сите сме научиле да имаме почит дури и кон концептот на детство, кој порано не постоел или кон концептот на приватност, која порано била многу ограничена, а да не зборуваме за вредноста на нечиј живот.

Во денешните егоистични оштества интимата се продава, но и купува на големо. Што е реалност, а што фикција кога станува збор за документаристиката и мас-медиумите?

Се лаже на ангро. Е, тоа е апсурд, затоа што денес сѐ е документирано, секој има камера в џеб и за неколку секунди може снименото да го закачи на интернет за да го види цела планета, или може за пет секунди да изгугла и да добие детални информации на најезотерична тема, па човек би помислил дека потешко се лаже. Ама, не – лажењето и верувањето во лага да не ти биле работа на факти, туку работа на вера. Како религија! Имаш многу истражувања кои сведочат дека сме селективни во изборот и начинот на кој ги процесираме фактите. На пример, само човек без една хемисфера може да му верува на еден кловн како Трамп, ама милиони луѓе решаваат да му веруваат. Наоѓаат емотивна потпора и емотивно празнење во тоа што тој ќе им го каже, дури и во себе да знаат дека се тоа лаги. Појдовме од овие размислувања и снимивме филм за губењето на приватноста, за агресивноста на медиумите (во случајов документаристите), за трагањето по вистината... Среде сето тоа имаме една жена која е харизматична, привлечна, забавна, ама и многу тажна и оштетена. Прикаскава е нешто што секој треба да го склопи на свој начин.

Во сите досегашни Ваши филмови, спотови, реклами, Дејвид Манс се појавува како дизајнер на продукција. Постои ли рецепт за правење на добар филм?

Со Дејвид имаме мноу почит еден кон другиот, кон предаденоста, ама и кон талентот на другиот. Знам дека можам целосно да се потпрам на него како на хипер-професионалец кој гине за проектот. Покрај тоа, Дејвид е и прекрасен човек. Тој знае да се вложи многу повеќе одошто бара описот на неговото работно место. Камо среќа сите да се како него. На пример, за време на снимањето на „Сенки“ владееше хаос. Погрешен човек го продуцираше филмот, комичен аматер, циркузант. Тоа е симпатично за гледање сеир, ама имаше многу лоши последици по филмот и по сите нас. Тој не успеа да ангажира професионален помошник на режија, требаше да почнеме со снимање, речиси 200 луѓе и стотина глумци, многу пари и техника, а од план на снимање немаше ни „П“. Додека сите 7-8 продуценти, продукциски менаџери, линиски продуценти ја префрлаа топката еден на друг, Дејвид ги засука ракавите и направи план за снимање за целата екипа. Иако тоа нема, ама баш апсолутно никаква врска со неговата главна професија, дизајнот. Виде човекот дека е хаос и дека тонеме и реши да помогне. И направи солиден план на снимање, додека продуцентите парадираа. Затоа бескрајно го почитувам. Инаку, рецептот за правење добри филмови е едноставен. Занает + срце.

За Вашите фимови е некако типично нелинеарното време. Се загубувате ли некогаш во него - за време на пишувањето на сценаријата, при снимањето, при монтажата?

Таман работа. Пливам низ комплексните времиња полесно одошто во обичново. Ќе ви признаам една работа – мене ми е досадно да правам филм ако времето во него е линеарно. Ќе потрошам 2, 3, може и 7 години на тој филм. Ако е конфекциски, ќе треба да се убијам на лице место од досада. Ако работам со нешто покомплексно, на пример со малку поинаков третман на филмското време, ем ќе ми биде интересно, ем на гледачот ќе му биде забавно, ем може да измислиме нешто ново, на што после ќе се школуваат копиљаци на филмската академија во Кина или во Италија.

Прилично е воочливо дека Ви е многу важна литерарната предлошка во филмовите. Во што уживате повеќе, во пишувањето или во снимањето? Што сакате повеќе да бидете, режисер или писател?

Писател. Апсолутно. Станав режисер само за да се уверам дека некој режисер нема да ми го зезне сценариото. Кога пишуваш имаш неограничена слобода. Кога снимаш, постојано си нечиј измеќар – на сценариото, на буџетот, на временските прилики, на техниката... Снимањето е здодевна егзекуција, а пишувањето и монтажата се вистинските моменти на апстрактно и креативно создавање.

Кој умее да ја слушне, прилично е гласна и поезијата како нарација во сценаријата на Вашите филмови. Сте се опробале ли некогаш во светот на поезијата?

Да, пишував хаику, а потоа и концептуални работи. Од нив произлезе мојата мала книга „Духот на мајка ми“.

Не им се предадовте на продуцентите и сè уште се држите до Вашето убедување дека авторскиот филм е врвот во филмската уметност. Холивуд никогаш не Ви стана интересен, или Вие не сте му интересен на Холивуд?

И едно и друго. Холивуд глуми креативност, а испосран е од страв да не се случи нешто различно, оти тогаш ќе изгуби контрола и нема да знае како да го продава тој различен, нов филм и затоа се обидува сѐ да држи под контрола и постојано да ги снима истите филмови со мали варијации. Во правењето коли или кондури има повеќе слобода и креативност одошто во правењето филмови во Холивуд. Тажно е што многу нормални луѓе паѓаат на пропагандата (особено со Оскарите) дека Холивуд снима нешто значајно или креативно. Куросава бил отпуштен од Твенти сенчри фокс – што друго да кажам? Дури и во времето кога имав многу понуди од таму, јас никогаш не се сложив да се преселам во Холивуд. Секогаш патував по потреба. Поминував време таму, живеев во луксузни хотели, возев бесни коли и одев на журки во кањоните или на плажите, бев канет на родендени на Мик Џегер или на ручеци со Бред Пит, трошев купишта туѓи пари... и бев прилично несреќен. Не најдов нималку вистинска радост во сето тоа, празна синтетика, многу лицемерие, и – што е пострашно – делата, филмовите кои се прават или кои требаше да ги потпишам ќе беа пластика, ќе беа нешто од што ќе се срамев. Ако не си поминуваш убаво и ако не правиш добра уметност, значи таму си само за пари. Тоа не е доволна причина да се прави што било.

Кој филм би го гледале одново и одново?

Амадеус. Goodfellas. Граѓанинот Кејн. Персона. Кум. Среќа (на Тод Солонц)

Kако би изгледал на пример „Ајрон мен“ кога Вие би го снимиле?

Би бил помалку предвидлив. И би имал побогати ликови. И веројатно времето во него би било малку поисчашено. И би бил посмешен.

Кога сте во Скопје најчесто сте во Дебар Маало. Што Ве врзува за него, дали Ви се допаѓа ова сега ново, поинакво, еднонасочно, претрупано, загаденкоо, боемско.... Дебар Маало?

Дебар Маало е покојно. Го погребаа лакомите градители и дебарамаалци – за дуќанче и станче ја продадоа иднината на своите деца. Сега сите се гушат, ама дуќанчето го имаат. Со помош на општинските власти и урбанистите, Дебар Маало можеше да го задржи духот на старо маало, кое не се крева многу високо како што тоа се случи во Рим со Трастевере, или со Париз со Левиот Брег или во Њујорк со Гринич Вилиџ. Тоа подразбираше степен на конзервација и поглед во иднината. Наместо тоа, Миро Грчев им направи нов ДУП по потребите на урбанистичката мафија со максимата „Сите ќе ве направам богати“, урнек за урбан геноцид, па сега се чудиме што имаме вертикална касаба. Таа касаба е конкретна реализација на ДУП-от што тој го нарача и нацрта пред точно 20 години.

Останува ли време за каква било љубов по сите промоции, снимања, предавања, награди и фестивали?

Се разбира.

Може ли Ве молам да ми кажете дали кругот е тркалезен?

Кругот е како пита пастрмајлија!

******

Официјалниот трејлер на Bikini Moon:

Интерактивен вебсајт на филмот - ТУКА

 

8 март 2018 - 16:20