Електрични оргазам постои неверојатни 43 години. Срѓан Гојковиќ Гиле го има формирано бендот на свои 18 години за само нешто подоцна да снимат песни за најпрочуената компилација на просторите на СФРЈ - Пакет Аранжман. Од нивното скромно ремек дело „Lišće prekriva Lisabon“ има поминато 40 години.
Време: Што се случи со генерацијата која порасна со рок музика? Дали таа некогаш зазема некоја значајна позиција во општеството и влијаеше на неговото подобрување? Или скроз ја утна темата?
Сето тоа се генерализации, општи места. Не можам да давам одговори на такви прашања, едноставно не сум компетентен. Се трудам да се занимавам со себе, а не со другите луѓе - тоа го доживувам како тотално губење време, што патем е и бесмислено, бидејќи не дава никакви одговори. Претпоставувам дека сите знаеме дека некои луѓе со рокенрол позадина во одредени периоди многу се доближија до самиот врв на власта. Лично, немам впечаток дека доведоа до некакво подобрување, освен на личната финансиска состојба.
Каков статус треба да има рок-креативноста во нашата култура? Со оглед на тоа што цели генерации пораснаа со рок песни, дали уште сега им е местото во лектири? Дали треба да им подигаме споменици на најважните автори кои од рокенролот направија уметност?
Ма јас воопшто не сакам да се занимавам со тоа, тоа е прашање на надлежните институции, дали ќе се постави споменик или не. Милан Младеновиќ, Влада Дивљан, веќе си направија споменици во вид на песните што ги оставија зад себе, а кои се поважни од кој било камен столб или споменик. Но, ако некоја институција сака да им подигне споменик - немам ништо против тоа. Што се однесува до лектирите, мислам дека тоа би било корисно за младите.
На кој начин рокенрол генерацијата кај нас е сведок на времето? Кога би се правела таква ретроспектива - што ни кажуваат сите тие песни, расфрлани по албумите на нашите бендови, за животот во овие краишта во изминатиот половина век?
Мислам дека рокенрол креативноста е апсолутно сведок на времето, не само кај нас. Различни автори биле инспирирани од различни работи, има многу автентични искуства од реалноста, од различни периоди. Рокенрол песните се многу збиена форма и многу често авторите успеваат да ја доловат суштината на нештата во тој ограничен формат. Тоа е еден од најважните квалитети на рокенрол песната.
Зошто нашите некогашни рокери сега се доживуваат како морални столбови на општеството, луѓе кои имаат критериуми и со сигурност го разликуваат доброто од злото? Зарем не беше поинаку на почетокот, нели рокерот беше непосакуван елемент во ова општество?
Вистинскиот, бунтовнички рокенрол не подлегнува на цензура или самоцензура. Често власта се обидува да поткупи такви автори со различни бенефиции. И, за жал, во не мал број случаи успева во тоа. Можеби тоа уште поочигледно е кај претставници на други уметности, режисери, актери, писатели, сликари... За среќа, секогаш има и такви кои не можат да се поткупат.
На крајот на краиштата, што останува зад рокенролот на нашите простори?
Можеби тоа треба да се прашаат слушателите. Но, она што го гледам се насмевките на лицата на луѓето во публиката, дури и ако тоа е само краткотрајно олеснување на тегобите низ кои сите поминуваме во животот. Тоа е веројатно најдоброто нешто што секоја уметност може да го понуди - олеснување. Исто како што можете да очекувате после добар оргазам (се смее).