Во неговиот живот сè е слобода, или е ништо. Човекот чија музика е посилна од кој било меч, е доследен, непоткуплив, без никаква потреба за компромис со било кој, со било што, и доволно непријатен за да остане чист! Расипувачот на забави и панкерот наклонет кон романтичарско сонување во овој свет на апсурди, преку својот специфичен музикопис го кажува најбитното, на наједноставен начин. Цане и кога зборува, тоа го прави со рима, со стих, со ритам.
Како дел од миротворната екипа во раните деведесети, заедно со Милан од „ЕКВ“ и Гиле од „Електрични ргазам“ од камионска приколка во Белград, пробуваше да ја запре војната во најава. Музичкиот проект наречен „Римтутитуки“, преведен од шатровачки, имаше далеку побесмислено значење - Туримтикиту! По тие моменти на општа деструкција, но и морален пад по смртта на пријателот Милан (1994), овој бунтовник со причина го пронајде својот мир, вера и љубов во Зрењанин, во питомата рамнина на Војводина. Деновиве и таму ја продолжува својата борба, спротиставувајќи се на градежната узурпација на животна околина. Овој неприлагоден надреалист, и директен потомок на Гаврило Принцип, денес ја живее својата втора „младост“ со бендот „Шкртице“. Има непрекинат музички мандат од 33 години. Има антологиска збирка од цитати со негов потпис, што ги кажал некогаш и некаде. Има и срце на дете.
По многу години повторно ќе свирите со „Партибрејкерси“ во Скопје. Последниве неколку години сте со бендот „Шкртице“, издадовте и албум, но врската со Партибрејкерси очигледно сè уште е жива...
Додека сме ние живи, живи се и нашите врски. Многу години поминав со Брејкерси. Тука сме Антон и јас перманентно, и плус минус некои луѓе. Брејкерси се нешто што постои долго време, не се повторува и не може да се повтори.
Што е поинаку сега со „Шкртице“?
Сè е поинаку. Свирката со „Шкртице“ е повеќе бендовска, повеќе органска. „Шкртице“ не се направени за јас да дoкажувам нешто во однос на себе, тоа е глупо, нели. Тоа е продолжение на создавањето, продолжение на животот.. Брејкерси се некое време кое поминало, во кое сме живееле, но кое и понатаму трае во нас во некои сегменти... Секогаш гледам да бидам ист во која било ситуација. Да немам сега, со овие сум ваков, со другиве, онаков. Знаеш, тоа не е добро, тоа е подвоена личност. Работата е во тоа, да се снаоѓаш добро во тоа што го работиш, и да ти е убаво.
Колку е денес тешко или лесно да се биде искрен со публиката? Дали денешната публика ја сфаќа вашата работа?
Нема тоа, дали ќе бидеш искрен. Не е тоа наша задача, да играме некоја улога. Или си, или не си. Ако не си го научил тоа до сега, нема да научиш ни од сега. Не си го сфатил животот. Ние се обидуваме да го сфатиме животот, до крај. До крај да учиме, до крај да бидеме во некоја активна состојба, значи се што ни доаѓа, да може да го расчлениме. Важно е да размислуваме, додека тоа го правиме. Сите искуства и влијанија кои ни доаѓаат да ги филтрираме и да можеме самите да се менуваме.
Имате ли фит-бек, задоволни ли сте од концертите?
Секогаш има. Сега со „Шкртице“ свиревме во Загреб, Мостар, Сплит, стварно се чувствуваме, онака, моќно. Во Белград имаше маса од луѓе, а беше прашање колку од нив ги чуле песните што ги свиревме. Но, ги препознаа. Луѓето беа одушевени и јас добивам позитивни коментари. Ова новото не е преџвакување, туку и понатаму е автентична музика која трае. Овој бенд „Шкртице“ има феноменални музичари. Фантастични тапани, одлична ритам секција, некои чудни гитари кои ја прават и обликуваат таа музичка слика, и јас како петти дел од сето тоа.
Жив ли е сè уште рокенролот, може ли тој да има образовна улога во денешно време?
Значи, може да охрабрува, во ова кукавичко време во кое живееме. Да натера многумина да мислат со своја глава, да бидат сопственици на својата глава, да бидат сопственици на својот живот. Ние сме во рацете на луѓе кои не знаат за љубов, не знаат за ништо бре, може да притиснат едно копченце и ние со сиот свој рокенрол и цела цивилизација, да отидеме у бестрага. Може да научи да не се живеат туѓите ставови. И тоа е нешто, во однос на ништо.
Дали е уметноста на Балканот суштински врзана за политиката?
Зависи. Имаш луѓе кои живеат од трошките на системот. Системски паразити. Луѓе кои се нарекуваат уметници. Тие ја одржуваат состoјбата како да е сè во ред. Имаш други кои се на маргините, кои вложуваат целиот свој живот во тоа што го создаваат. И трпат. Плаќаат висока цена. Значи имаш луѓе кои ја живеат својата уметност, а имаш такви кои ја одработуваат својата уметност.
Често пати велите дека зборовите се злоупотребени во денешно време, дека на зборовите треба да им се врати вистината. Кој злоупотребува, кој лаже?
Сите лажат. Сите ние лажеме. Гледаш ли ти на пример колку забрзано се зборува. Колку е поважна количината од суштината... колку е се направено за да те убедуваат во нешто преку сугестија. Тие ти ги насочуваат мислите, не даваат право сам да си одлучуваш за себе. Општествата ја забранија слободата на одлучување.
Тоа ти е како овие рекламите:
„последицитеодземањетоналекотможедапредизвика....“
Кога ќе почнат забрзано да зборуваат ти предизвикуваат ненормална состојба, полудуваш. Па, луѓето не се обраќаат така едни кон други, никој не зборува така! Па, после имаш синхронизација на сериите за деца. Цело време фреквенциите се на ниво на конфликт! Исто е и на српски и на македонски, тие ја следат динамиката на оригиналот. Многу е грозно. Сè е на база на конфликт, на убедување, на сугестивен прогон. Човек на човека, не му е веќе брат, туку „рат“. Преку таа комуникација го забрзуваат времето, вештачки. Даваат милион информации безвезе, информации што не служат за ништо, а ти го трошат времето. Тие нè заведуваат и нè подведуваат. Не е важно што се сака да се каже, туку начинот на кој е тоа кажано. Класично рендање на мозокот. Имаш количина, против суштина.
Каква е улогата на медиумите во сето ова. Дали народот перманентно се заглупавува, со реалити шоуа, таблоиди, турбо-фолк, серии, празноверие?
Па нормално. Тоа ти е редовна доза на ништо. За да во тоа ништо се изгубиш и претопиш и ти во ништото. Расипувањето на човекот, да се разбереме, постои низ целата човечка цивилизација. Тоа е одвлекување на човекот во темнина. Само што сега има земено замав.
Може ли влегувањето во ЕУ или во меѓународни организации, да ги решат овие наши проблеми?
Не може. Народот на овие простори полуде. Го направија луд, а беше добар. Ја засилија нашата примитивност, беда и сиромаштија, значи ни ги свртеа вредностите наопачки, нè преставија како лудаци, како дивјаци, пред останатиот свет. А некогаш бевме поинакви... Можеби сме носеле некое делче примитивизам во себе, па сега тоа потикнато, излегува во прв план. Ни направија нешто што им беше поставена цел, а во нас најдоа голем помошник. Им помогнавме затоа што сме некултурни! Затоа сме и сиромашни. Затоа што секогаш се фрлавме и го ждеревме оној најдобриот во нашата средина. Наместо да ги следиме светлите примери, ние ги згаснавме, ги убивме. Сега сме дојдени до тој степен што мнозинството не може ниту да ги препознае. Светли примери стануваат оние кои дојдоа од темнината.
На почетокот на војната и распадот на СФРЈ имавте мировен ангажман. Што остана од него освен песната „Мир брате, мир“?
Секогаш е во мене желбата да живеам мирно и чесно од својата работа. Ама секогаш се фрла коска и трошка. Тој раздор завист, простотилак, не изеде. Остана стравот. Стравот е ист. Кој сака да се грижи за себе и за другите, кој има љубов во себе, тој ќе се спаси. Останатите ќе отидат непрепознаени самите од себе, заедно со времето.
Зборувате како верник. Верувате ли во Бога? Што значи да се верува?
Хахааха, па зошто да не верувам. Па, тоа е единствено нешто добро што постои во целото лудило, кое секој ден нè вика кај него. Секаде некако животот се скрати, а маката се продолжи. Ние не сме никаде, затоа што ни се нуди едно големо ништо. Ние сме во рацете на луѓе кои се смеат на секоја идеја. Имаш идиоти кои се смеат и на убавината. Живееме во време без естетика. Затоа што грдотијата се претставува како убавина. Кој размислува за својата оригиналност, кој размислува за себе, тој сака да верува и да се држи блиску до Бога. Тука нема компромис, тоа е најголема слобода. Сè друго е угодување на ништото.
Што е за вас љубов?
Љубовта е кога немаш товар што те пристиска и те прави нечовек. Љубовта е средство кое те тера на крајот, можеби, да завршиш како добар човек. Љубов е да ги задржиш луѓето околу себе, и да им дадеш нешто свое. Љубов е кога мислиш и се грижиш за некого. Секој нов ден ме демантира и ме прашува дали ти навистина имаш љубов во себе? И јас секој ден нешто докажувам. Љубовта е слобода.
Дали го спасивте езерото во Зрењанин, од „сплавовска узурпација“? Се изборивте ли за Вашата животна средина?
Шатровачината не престанува, како што можеше да се претпостави. Ние сме сега стигнати до судови, тој човек, го направи сплавот, инсталираше сè што таму му треба. Некој направил свои закони за да го легализира беззаконието. Правдата не постои. Не знам веќе кај не отидовме, чук,чук, од врата до врата. Ние се поставивме како „еј друже ние немаме ништо против тебе и твојот бизнис, ама местото не ти е тука. Нека ти најде кумот некое друго место бре...“ Ама неее.....! Тоа е мала групичка која ти го крои светот во своето сознание на ништото. Безглаво време, батали...
Како гледате на денешната младина, ја разбирате ли?
Денес е тешко да се биде млад. Тешко и е на денешната младина. Сите параметри според кои треба да се однесуваат, образуваат, формираат, се неприфатливи. Сите тие телефони, технологија, им влијаат на мозочињата, на душичките. Дел од оваа младина „полулуди“ и „полудиви“ деца се испуштени. Препуштени на себе. Не треба да победи интелигенцијата, туку здравиот разум. Борбата е за здрав разум. Тоа што им го даваме дома, и што се трудиме да им го ставиме во главите е нешто. Ние, денешните родители, повеќе им се обраќаме на своите деца, отколку што со мене зборувале моите родители. Но, јас сум роден во друго време. Во понормално време од ова...
Како им се обраќате на Вашите деца, како ги воспитувате?
Тоа треба нив да ги прашате, ама тешко им е нив со ваков татко.
Вашиот текст во „Политика“ во кој зборувате за синот, ве демантира... Оставате впечаток на грижлив и горд родител.
Па, добо сега. Зошто младината ни е ваква каква што е? Затоа што родителите се лоши. Не треба да се бара вината кај децата, туку кај тој што ги воспитува. Затоа што е борба за егзистенција, недостаток на вистината, недостаток на обраќање, па на тие деца никој не им се обраќа. Јас на моите деца им се обраќам нон стоп, дури и ги давам...ги удавив. Се грижам, и тоа цело искуство кое им го пренесувам, е мојот сопствен страв за нив. Со оглед дека не знаат за ништо подобро, ним им е полесно, отколку на нас.
Кога мислите на подобро, мислите на животот во нашата, поранешна заедничка држава?
Не сум јас носталгичен. Само гледам сега во дадениов момент... кој е чувај боже. Само планирам да не се избламирам. Ние живееме во минско поле. Ако нејќеш да размислуваш за себе, тогаш друг ќе размислува за тебе! Нема да ти го даде она што ти треба, туку она што мисли дека ти треба. Кога друг ти ја одредува мерката, живееш во тесно. Човек целиот свој живот бара една работа: мерката за себе. Мерката за себе е неговиот идентитет. Многу луѓе не знаат кои се, и што се. Одат низ илјада верзии, а родени се во една. Кој не се слуша себе, тој ќе наебе!
Како се чувствувате пред фактот дека и после 33 години сè уште живеете од музика?
Фала му на Господ за тоа. Малку тешко ми паѓаат патувањата сега... Ама, мораш некогаш да се победиш себе, заради публиката која дошла за тебе. Затоа што, веројатно, нешто им значи...