Сенаторот од Вермонт, Берни Сандерс, кој доби огромна поддршка и 13 милиони гласа од младите во текот на предизборите, сега се наоѓа на едната страна од таа битка, а има огромно влијание. Партијата го именува за „деташирано столче“, а конгресменот од Минесота и политички сојузник на Сандерс, Кит Елисон, е фаворит да биде назначен за шеф на Националниот комитет на демократите (ДНЦ). Тоа е огромна промена од почетокот на годинава, кога ДНЦ комплетно ја игнорираше кампањата на Сандерс, но многумина го гледаат Сандерсовиот политички бренд како најдобра шанса на демократите да си го вратат достоинството.
Една недела по изборите Мет Таиби од Ролингстоун седнал со Сандерс во неговата канцеларија во Вашингтон, веднаш по објавувањето на Сандерсовата нова книга „Нашата револуција: иднина во која може да се верува“.
Кога понуди да ми даде примерок, вели Таиби, му реков дека веќе ја имам прочитано е-книгата, на што тој се намршти. „Ги има во неа сликите?“, праша. Му олесна кога му кажав дека ги има, вклучувајќи ги и црно-белите од неговата младост во Бруклин.
Макотрпните искуства на Сандерс додека растел во населбата Флетбуш сè уште се чини дека се централни во начинот на кој тој го гледа светот. Сите возрасни во неговото соседство гласале за демократите. Губењето на поддршката на тој вид луѓе сè уште го јаде Сандерс, како детска болест што уште не е излечена. Така и можноста што сега ја има да ги врати демократите назад во таа насока е нешто што тој го сфаќа сериозно. Целиот живот го поминал за да стигне до оваа точка.
Сандерс беше тој што ја постави дилемата со која сега е соочена Демократската партија. Демократите треба да го најдат патот назад кон поврзаноста со обичните луѓе, а за тоа ќе биде потребна целосна промена во начинот на кој тие ја вршат работата. Тој е убеден дека големото трошење време и ментален напор што демократите го вложија за да соберат над 1 милијарда долари за кампањата на Клинтон во изминатата година заврши со огромна невидлива цена. „Нашата иднина не е собирање пари од богатите луѓе, туку мобилизирање на милиони работни луѓе и млади и обоени луѓе“, вели тој.
Сандерс смета дека е грешка да се отфрли движењето на Трамп како монолитно изразување расизам и ксенофобија. Популистичките повици на Трамп, искрени или не, дадоа резултат и демократите треба да одговорат на нив, смета тој. Трамп вети дека нема да ги крати здравствената помош ниту социјалното осигурување, вети дека ќе го поддржи повторниот увоз на лекови на рецепт од други земји и рече дека ќе го врати Глас-Стиголовиот акт. Сандерс инсистира дека тој и неговиот тим ќе се обидат да го држат за збор за сите овие ветувања. Како тие ќе успеат во тоа може само да се претпоставува, но како висок член на Комитетот за буџет на Сенатот, Сандерс лесно може да ги присили републиканците да гласаат за сите овие прашања преку воведување измени во текот на процесот на решавање на буџетот, кој почнува во јануари. „Каде лежат тие 100 проценти што (Трамп) им ги кажуваше на луѓето за да ја добие нивната поддршка?“, прашува тој. „Наскоро ќе откриеме.“
Сандерс сака да ги мобилизира младите луѓе. Луѓето сакаат промена сега, вели тој. За да го преживее Трамп и да ја сврти струјата, Сандерс вели дека му треба помош. „Не мора да се кандидирате за претседател“, вели тој. „Само ангажирајте ги луѓето.“
„Со години гледам како медиумите, кои во основа ја игнорираа опаѓачката средна класа, воопшто не зборуваат за сиромаштијата и немаат осет за она што се случува во главите на милионите обични Американци. Тие живеат во балон, зборуваат за својот свет, се грижат за тоа кој ќе се кандидира за функцијата 18 години од сега. Во меѓувреме, луѓето не можат да ги прехранат своите деца. Тоа е нешто што јас го знаев.
Кога зборував за овие прашања, кога гледав како тие одекнуваат кај народот, тоа не ме изненади. Ме изненади колку брзо одекнаа. Ме изненади и тоа колку беше слаб демократскиот естаблишмент и колку тие беа изолирани од потребите на обичните луѓе.“
„Не може да го поминеме целиот живот - не јас, но други го прават тоа - собирајќи пари од богатите луѓе, слушајќи ги нивните потреби. Ние мора да бидеме во синдикалните сали, ние мора да бидеме во ветеранските сали и мора да разговараме со работниците, и мора мора да го кренеме гласот и да се бориме за нив.“
- А што е со критиките упатени кон него: дека идејата дека можеме да направиме нешто во врска со овие глобалистички трендови е нереална, дека сè што можеме да направиме е да ја „искористиме енергијата“ на промените?
„Доналд Трамп ги смени правилата на политиката. Ајде да му признаеме на човекот онаму каде што заслужил. Никој не претпоставуваше дека... Па тој почна како шега, нели?
Тој се фати за гуша со раководството на Републиканската партија, апсолутно се фати за гуша со, очигледно, Демократската партија, со корпоративните медиуми, фактички со сите, и стана претседател на САД. Мислам дека ако некоја лекција може да се научи од успехот на Трамп, тоа е дека плашливоста повеќе не е на патот кон успехот.“
- Дали мисли дека ќе го победел?
„Мојот одговор е 'Којзнае?' Аргументот е дека на претходните анкети го водев. На поновите анкети исто така го водам, но луѓето што не се согласуваат со таа анализа ќе кажат, 'О, да, тоа беше пред три месеци со стотици милиони долари во (негативно) рекламирање. Тоа би можело да има одредено влијание врз трката'.
Значи одговорот е, никој не знае. Мислам дека е фер да се каже дека во многу од државите каде што се кандидирав ние многу, многу добро проаѓавме меѓу работничката класа, како и кај младите луѓе. Тоа ниво на ентузијазам беше многу, многу жестоко. Но јас нема да гледам назад.“
- Дали кампањата на Трамп навистина беше искрен револт против системот? Или на крај ќе излезе дека е токму спротивното?
„Ќе видиме. Одговорот е, не знам. Овој човек е тотално непредвидлив. Луѓето околу него се обидуваат да го направат да биде попредвидлив.
Една од причините за успехот на Трамп е тоа што тој водеше кампања врз основа на тоа дека сфатил дека милиони работни луѓе се мачат, се несреќни, и дека тој, Доналд Трамп, е спремен да се бори со естаблишментот.
Е сега, до кој степен тоа беа само целосни, апсолутно шупливи лаги останува да се види, но ако погледнете во она што тој го кажа, типов зборуваше за ставање крај на нашата катастрофална трговска политика, нешто за што јас се борам 30 години. Тој зборуваше за борба против фармацевтските компании, за борба против на Вол стрит, за борба против целокупниот политички естаблишмент - за 'пресушување на мочуриштето'. Ќе видиме до кој степен имало каква било чесност во она што тој го зборуваше, дали имало каква било искреност во тоа што го зборуваше.
Мислам дека она што мора да се признае е дека постојат милиони работни луѓе во оваа земја што се во огромна болка и очај. Тоа се 60-годишни работници, денес, од кои половина немаат ништо во банка додека се приближуваат кон пензионирањето. Имате 60 години и немате ништо во банка? Ќе живеете од 13.000-те долари социјално осигурување годишно? На тоа треба да се надевате?“
„Она што би им го кажал на читателите на Ролингстоун е: Мора да разбереме дека Трамп, во некоја смисла, ја револуционизира политиката, и ние мора да одговориме на тоа. Што значи тоа? Почнете со 46-те отсто од американскиот народ што дури и не гласале на овие избори. Од 54-те отсто што гласале колкумина навистина се занимаваат со политика, а колкумина само гласаат еднаш на секои две или четири години? Колку луѓе навистина одат на митинзи? Колкумина се вклучени во синдикатите? А во борбата за животната средина? Или за антирасизмот? Или против сиромаштијата?
Мислам дека зборуваме, секако, за далеку помалку од пет проценти. Добар дел од нив може да се десничари, така што се сведува на можеби еден или два отсто од луѓето во оваа земја што се активно вклучени во прогресивни движења и идеи. Ако можеме таа бројка да ја донесеме на шест или седум отсто, може да ја трансформираме Америка. Без оглед на Трамп. Без оглед на републиканците.“
Целото интервју, тука