ТЕПАЧКА СО ПАНКЕРСКИОТ КРЕМ
Жан-Жак Бернел (бас): Во 1975-та свиревме со Рамонси. Во тоа време Пол Симонон (басистот на Клеш) имаше еден нервозен тик, плукаше по земја. Плукна пред нас, само што се симнавме од сцена. Му ја врзав една и настана хаос. Обезбедувањето нè исфрли и ферката ја продолживме надвор. Од една страна беа Пистолси, Клеш, Рамонс и нивните пријатели новинари, од другата страна бевме ние и пар наши фанови. Јас и Симонон нос до нос а Дејв (Гринфилд, клавијатуристот на Стренглерс), го имаше зачукано Џони Ротен на комбе за сладолед.
Џет Блек (тапани): Тоа го сврте мислењето против нас, ама ние секогаш сме биле најдобри кога сме биле притиснати до ѕид.
Барнел: Обратно од тоа што се пишуваше, Хју (Корнвел, пејачот на Стренглерс) и јас никогаш се немаме степано. Имаше еден мал инцидент во Рим, тој нешто дивееше, јас нешто му пререков, тој скрши чаша од ѕид па се кошкавме при што успеавме да срушиме еден тенок ѕид. Беше како во Том и Џери, дупка на ѕидот со силуета на Хју.
ТУРНЕИ ВО КАМИОНЕТ ЗА СЛАДОЛЕД
Џет Блек: Јас имав бизнис со сладолед но решив да го продадам и да направам бенд. Задржав само еден камионет кој ни беше идеален за транспорт цели две години.
Барнел: Ќе ја напикавме целата опрема и легнувавме врз неа. После некои свирки, излегувавме од камионетот и спиевме по ливади, меѓу крави.
Блек: Имаше во тие години доста смешни инциденти. Еднаш бевме викнати да свириме за некои млади Конзервативци. На почетокот на првата песна, во салата имаше околу 300 лица. На крајот издржаа само четворица од нив.
ВРЗУВАЊЕ НОВИНАР ЗА АЈФЕЛОВАТА КУЛА
Барнел: Еден дечко, Филип Манувр, кој денес е главен во најголемиот весник во Франција, постојано ме смараше. Еден ден ни се трупна во хотел и инсистираше на интервју. Реков дека ќе прифатам само ако интервјуто го правиме на Ајфеловата кула. А кога дојдовме таму, на препад му ги соблековме панталоните и со лента го врзавме за еден од железните столбови, да го фотографираат јапонски туристи. Ама, сетоа ова беше на првиот спрат од Кулата. Додуша, на висина од 60 метри.
Блек: Не беше баш среќен.
РЕШАВАЊЕ ДА СЕ ДРОГИРААТ СО ХЕРОИН ЕДНА ГОДИНА
Барнел: Еспериментите со хероинот беа уметничка одлука да видиме што ќе се случи.
Блек: Тоа беше лудо.
Барнел: Џет и Дејв беа разумни па веднаш престанаа. Јас и Хју не бевме такви па упаднавме во надреални и мрачни злоупотреби.
Блек: Го правевме албумот The Meninblack, наслов базиран на еден феномен кој тогаш им беше познат само на малкумина чудаци што се опседнуваа со НЛО-а - дека тие што виделе НЛО биваат посетени од луѓе во црно кои ги замолчуваат. И, како што почнавме да работиме на албумот, почнаа да се случуваат експлозии во студијата, автобусите ни цркнуваа на пат, свирките се претвораа во хаос, луѓе кои работат за нас умираа. Бевме убедени дека нешто окултно се случува.
Барнел: Една вечер, бев во толкава екстаза што мислев дека би било преубаво да умрам. Напишав убава самоубиствена порака, се напукав со многу хероин и - се разбудив три дена подоцна. Бендот не ни приметил дека сум бил во студио.
ИСФРЛЕНИ ОД ШВЕДСКА ВО ПРИДРУЖБА НА ПОЛИЦИЈА
Барнел: Тоа се случи двапати. Првиот пат, околу 200 луѓе од една банда која не поднесување панкери, ни дојдоа во нивните ретро американски коли, ни ги истепаа луѓето и ни ја искршија опремата. Бевме заробени во соблекувалната ама некако успеавме да избегаме откако им фрливме пар молотови коктели, па ни дојде полиција. Вториот пат, Блек, беше по твоја вина! Кога тотално уништи еден хотелски ресторан.
Блек: Вистина е. Се нервирав зашто немаше храна па ни викнаа полиција кои со машинки нè испратија на првиот авион. Имаше многу инциденти по хотелите. Заклучувавме собари по плакари.
ВО ЗАТВОР ЗАРАДИ ПОТТИКНУВАЊЕ НЕМИРИ
Барнел: Бевме букирани да свириме на Универзитет во Ница, незнаејќи дека со тоа упаѓаме во војна меѓу тамошните студенти и властите. Одговорните не сакаа да ни дадат приклучок за струја па моравме да носиме кабли од надвор, ама да не ја допирале земјата од дворот на Универзитетот. Ни снемуваше струја неколкупати и на крај ѝ кажав на публиката: "Жалиме, не оди вака. Само запамтете, не е наша грешка". И настана пекол, тотални безредија. Завршивме во затвор, јас делев ќелија со двајца убијци.
Блек: На крајот и ние и Универзитетот плативме казна иако можевме да добиеме и 10 години робија. Ама, до тогаш, во Франција никој не нè знаеше. По тој сакандал во Ница, секогаш свиревме во полни сали.
Барнел: Можеби некој ќе се праша, како сме уште тука. А последнава тура ни се продава најдобро во цела кариера. Сè што можеше, правевме погрешно - ама испадна дека е тоа добро.