„Исчезна свеста за вредноста на храната, трудот и ресурсите потребни таа да се произведе па затоа таа се фрла во огромни количини. Таа свест може да се врати само со информирање и едукација, особено на децата,“ рече една хрватска евро-парламентарка на бриселската конференција „Прави добро: чувај ја храната.“
Главни причини за овој масовен отпад се прекумерното купување, слабо разбирање на термините околу рокот на траењето и непривлечноста на зеленчукот и овошјето кои најмногу завршуваат на смет.
Според огранокот на ОН за храна (ФАО) годишно се фрла една третина од храната, односно 1,3 милијарди тони. Во ЕУ тоа се 173 килограми храна по човек, најмногу се фрла од домаќинствата.
„Моментално во светот постојат ресурси и капацитети да се произведе доволно храна со потребната нутритивна вредност за секој човек на планетата,“ велат од ФАО.
Па сепак, 821 милион луѓе на светот се гладни или потхранети.
Од целата храна која се фрла, повеќе од 40% е овошје и зеленчук.