Чистката на депозити во Виетнам ја засили довербата во биткоин

Неодамнешната одлука на Виетнам да избрише над 86 милиони банкарски сметки ја зголеми загриженоста од централизирана контрола на личните финансии. Виетнам не е изолиран случај на масовно блокирање депозити. Ова го зголемува интересот за децентрализирани алтернативи како што е биткоинот, кој функционира изолиран од владини или институционален надзор.

Виетнамските комерцијални банки почнаа да отстрануваат над 86 милиони банкарски сметки откако Државната банка СБВ воведе задолжителна регистрација на корисниците со биометриски податоци – верификација со лице или со отпечатоци од прсти. Властите објаснуваат дека целта на новите мерки е спречување на измами, сајбер криминал и перење пари.

Виетнам има околу 200 милиони банкарски сметки. По националната ревизија 113 милиони ќе останат активни. Другите 86 милиони корисници ќе останат без депозити ако до крајот на септември не ги ажурираат личните податоци. Многумина, иако прифаќаат да ги остават биометриските податоци, не можат да го исполнат рокот, што може да биде егзистенцијална закана многу семејства.

Акцијата на Виетнам не е единствен пример. Во Кина на клиенти на руралните банки во 2022 година со месеци им беа замрзнати депозитите поради истраги за измама, што предизвика масовни протести. САД долго време применуваат мерка за конфискација на имот, дозволувајќи им на истражните органи да запленуваат средства дури и без кривична пресуда. Во Британија наредбите за замрзнување на сметки даваат право на властите да блокираат депозити ако имаат сомневања за перење пари. За време на протестите на камионџиите во Канада во 2022 година, владата употреби вонредни овластувања за замрзнување на банкарски и крипто сметки поврзани со демонстрантите.

Поддржувачите на децентрализираното финансирање ги посочуваат овие примери како потсетник за ранливоста на традиционалното банкарство. Многумина во Виетнам веќе најавија дека ќе преминат на криптовалути, чие користење не е толку распространето во секојдневниот живот, но средствата се побезбедни.

Централизираните системи им даваат на владите и банките конечна контрола врз депозитите, што значи дека сметките може да бидат замрзнати или избришани ако се променат барањата за усогласеност. Задолжителната биометриска интеграција дополнително го поврзува финансискиот пристап со личниот идентитет. Иако ова ја зајакнува безбедноста од измама, го зголемува и ризикот од можни технички дефекти, човечки грешки или промена на политички приоритети.

Спротивно на тоа, биткоинот и другите децентрализирани мрежи им овозможуваат на поединците да чуваат и пренесуваат вредност без посредници. Трансакциите се случуваат peer-to-peer, што ги отежнува произволните замрзнувања или заплени. Таквата автономија гарантира финансиски суверенитет, нудејќи заштита не само од сајбер криминалци, туку и од пречекорување на државните мерки или непредвидени регулаторни промени.

27 септември 2025 - 18:07