
Годишно се вадат околу 50 милијарди тони песок и чакал, од кои поголемиот дел се користи за градежни активности. Ова количество не е одржливо. Ако продолжи копањето со денешното темпо, ќе се предизвика неповратна штета на животната средина.
Губењето на песок од океаните, реките и плажите може да доведе до прекумерни поплави и деградација на морските екосистеми. Тоа ги загрозува крајбрежните заедници и инфраструктурата. Плус, копањето песок во близина на водоносни слоеви може да ги наруши и да ги пресуши малите подземните води, кои се важни за луѓето, животните и земјоделството.
Песокот од пустина е мазен и заоблен, не може да се врзе со цемент и поради тоа е неупотреблив за градежништвото. На бетонот му е потребна погруба текстура, која ја има во песокот од река или плажа, бидејќи помага во врзувањето на материјалите.
Вештачкиот песок е поевтин, лесно може да се обезбеди посакуваниот состав и е поеколошки од природниот. Кинеската градежна индустрија масовно користи вештачки песок направен со дробење карпи и остатоци од рударството.
Преминот од природен песок кон вештачки песок е чудо за земја што завршила толку масовна изградба на инфраструктура, вели Сонг Шаомин, професор на Пекиншкиот универзитет за градежништво и архитектура.
Подемот во економска суперсила и урбанизацијата предизвика брзо осиромашување на нејзините резерви на природен градежен материјал - вклучително и песок. Поради неконтролирано копање песок, загадување и ерозија деградирани се над 40% од обработливата површина. Откако властите го забележаа овој и ги заострија мерките против нелегалните копачи нагло се зголеми цената на песокот за градежни цели.
Тоа ја принуди градежната индустрија да се префрли на вештачки песок. Машини дробат и просејуваат карпи и јаловина се додека не ги иситнат до потребната големина. Производството почнало во почетокот на 2000-тите, но пресвртот бил во 2010, кога понудата на природен песок во Кина го достигнала максимумот. Производството на вештачки песок продолжило да се зголемува за 13% годишно и до крајот на деценијата достигнало 80% од вкупната понуда. Нема точни податоци, но денес веројатно е близу 90%.