Потекло на дебелото

Моментално САД трошат 190 милијарди долари годишно за терапии и лечење на болести поврзани со дебелината, а стапката на дебелина во земјата во последните 3 децении се зголеми за 3 пати.

На дебелеењето му претходеше менување на составот на дневната исхрана на Американците со поголема застапеност на тестенини и јаглен-хидрати, за сметка на мастите. (Јаглен-хидратите се претвораат во шеќери, кои пак го зголемуваат производството на инсулин, кој пак го поттикнува складирањето масти, наместо нивно трошење.) На ова претходеше кампања на американските власти за намалување на мастите во секојдневната исхрана.

Сите овие промени се базираат на студија на физиологот од Универзитетот во Минесота, Ансел Кијс, кој во 70-те спроведе истражување за исхраната во 7 држави низ светот. Неговиот заклучок е дека луѓето кои јадат многу месо и млеко, како финските дрвосечачи, многу почесто умираат од срцеви заболувања отколку на пример земјоделците од Крит, чија исхрана се базира на риба, зеленчук и житарки. Оваа студија подоцна беше критикувана заради сериозни пропусти (од типот дека жителите на Крит биле следени за време на Велигденските пости), меѓутоа и покрај тоа заради нејзината логиката таа беше нашироко прифатена.

Крајниот заклучок на анализата на магазинот Вик е дека секој треба за себе да гледа што му годи а што му штети, и дека човештвото е премногу комплицирано за да се предложи универзална перфектна диета, една од ретките водилки која може да им се препорача на сите е да јадат што е можно помалку преработена храна која содржи адитиви и додаден шеќер.

17 март 2015 - 17:50