Дајте им на мажи и жени да бираат овошен јогурт или сочен печен пилешки копан. Јасно е дека повеќето жени ќе се одредат за првата опција а повеќето мажи - нормално! - ќе го изберат копанот. Двата пола маркетиншки толку добро и долго се обработуваат од страна на индустријата што нивните вкусови и преференци однапред се родово дефинирани.
На трага на оваа хипотеза било и истражувањето објавено во журналот Science Psychology, кое се занимава со родовите и маркетингот за храна. Адвертајзинг компаниите толку прецизно ги стереотипизираат своите пораки што жените по дефиниција одбираат поздрава и калорично коректна храна додека мажите се определуваат за повкусната или што и да им налага нивниот мажјачки поглед на светот.
Во првата фаза на истражувањето било утврдено кој од испитаниците на кој стереотипизиран поглед припаѓа. Оние кои имале женски стереотипи одбирале поздрава храна, другите понездрава.
Во втората фаза им бил понуден ист прозвод но различно пакуван. Во три верзии, женско, машко и мешано пакување. На женското пакување јасно било означена пораката "ЗДРАВО" и имало слика од балерина а на машкото доминирала етикетата "МЕГА" со рагбист на слика..
Најлошо поминало мешаното пакување. Луѓето тврделе дека тие мафини најмалку им се допаѓаат иако се работело за сосема идентичен производ во три различни пакувања.
Истражувачите заклучиле дека нашата перцепција за вкусовите е толку родово стеротипизрана што неутралните пораки само нè збунуваат.