Опасниот живот на Џон Мекафи

Урнебесно контроверзен живот, во кој се мешаат компјутерство визионерство, алкохол, дроги, криминал и фасцинираност од полусветот на отпадниците и курвите. „Да знаете дека нема да се обесам“ твитна Мекафи пред да биде најден обесен. 

Џон Мекафи имал несреќно детство. Неговиот татко бил американски војник кој служел во Шкотска, каде се оженил со Шкотланѓанка, се вратил во - по вештерките познатиот  - Салем во Вирџинија, пиел многу и многу ги тепал сопругата и синот. Се самоубил кога Џон имал 14 години. Кога се запишал на колеџот Роанок, Џон заработувал за живот од продажба на претплати на списанија. Ќе тропне на врата, ќе се насмее, ќе ги фиксира домаќините со неговиот продорен изглед со сини очи и ќе ги убеди дека се среќни добитници на апсолутно бесплатна претплата и дека треба да плаќаат само мала надокнада за испораката. Измамата палела. Тој троши добар дел од парите што ги заработува на алкохол, бидејќи започнува да пие многу уште во прва година на студии.

Дипломирал математика во 1967 година. Сакал да докторира на државниот колеџ во Луизијана во 1968 година, но бива избркан поради сексуален однос со малолетна студентка, со која подоцна ќе се ожени. Сепак бива награден со почесен докторат, многу подоцна, во 2008 година, на колеџот Роанок.

По дипломирањето работел како програмер во НАСА институт во Њуарк, но НАСА не преминува преку фактот дека во тоа време тој веќе бил зависник од алкохол а бил и уапсен при купување марихуана. Поради употребата на ЛСД и ДМТ (диметилтриптамин) го бркаат и од една компанија која уште од 1969 година се обидува да користи ИБМ компјутер за менаџирање на возните редови. Мекафи е раб на целосен колапс во 1983 година, на 38 години, кога е директор на инженерство во компанијата Омек, која прави системи за складирање информации во Санта Клара. Ја напушта Омек и се заклучува во својата куќа, без пријатели, со денови пиел и се дрогирал, прашувајќи се дали треба да се убие исто татко му. Жената го остава, тој некому го дава кучето, но на крај сепак оди кај терапевт, па кога почнал да липа за време на групна терапија на анонимни алкохоличари, некој го прегрнал и му рекол дека не е сам. Подоцна изјавува тогаш за него започнува животот.

ПРВИОТ АНТИВИРУС

Мекафи остаува трезен четири години после тоа и добива безбедносна лиценца да работи на програма за препознавање глас во еден од светските лидери во авијациската и одбранбената индустрија - Локид во Санивајл (Калифорнија). Потоа, во 1986 година, наидува на напис во локален весник за ширењето на првиот компјутерски вирус  во САД, што го создадоа двајца браќа во Пакистан и му дадоа „Мозок“, по една продавница за компјутери во Лахоре. Мекафи го програмира првиот антивирус. Во 1987 година, купува долг автобус, го полни со компјутери и објавува дека ја формирал првата „антивирусна болничка единица“. Неговото мото било: само параноидниот ќе преживее. Способноста да ги зарази другите со своја параноја, дека некој секогаш ќе сака да ги нападне, го направи Мекафи богат. Како оној ефикасен продавач од куќа до врата, тој сега успева да ги натера луѓето да мислат дека неговиот софтвер им е неопходен за самоодбрана. Во октомври 1992 година, акциите на неговата компанија вредат 80 милиони долари.

БОГАТАШ КОМУ МУ ЗДОСАДУВА ЖИВОТОТ

Како што се приближува кон пензија кон крајот на 2000-тите, на Мекафи му станува досаден животот на традиционален американски богаташ. Среде финансиска криза во 2008 година, поради неговите неуспешни инвестиции, неговото богатство паѓа од 100 на четири милиони долари. До 2009 година тој продава на аукција скоро сè што поседува, вклучувајќи илјадници хектари земја на Хаваи, Колорадо и Тексас, приватен аеродром во Ново Мексико, како и неговиот авион за 10 патници. Откако Интел ја купува неговата компанија во август 2010 година а во 2014 објавува дека производите поврзани со неговиот бренд ќе бидат пласирани под марката Интел Секјурити, Џон Мекафи изразува задоволство што неговото име повеќе не се поврзува со софтверот, жалејќи се дека петнаесет години бил бомбардиран со прашања за тоа како да се деинсталира неговата антивирусна програма, за која вели дека други ја имаат упропастено. Таквата порака ја поткрепува со видео снимка како пука во лаптоп и оди да шмрка кокаин додека неколку девојки со различна боја на кожата го галат и бакнуваат, оставајќи траги од кармин на неговиот збрчкан образ. Скоро како во Скарфејс...

ОПАСНИОТ РАЈ БЕЛИЗЕ

Во потрага по нешто рустикално, по „далечни хоризонти“ каде што сепак се зборува англиски, Мекафи наоѓа вила на Карибите, на островот Амбегрис Ки во Белизе. Репортер на Гизмондо го наоѓа како опуштено, со апостолки и шорцеви, седи покрај базенот со поглед кон океанот, а две млади жени од Белизе лежат во близина. Набргу се појавува и вооружен човек во униформа. Мекафи му вика на новинарот дека само во последната година имало единаесет обиди за негово киднапирање или убиство. Од последниот обид, кога екипа криминалци во соработка со двајца полицајци, сакале да го излетаат неговиот автомобил од патот, го има спасено човек кој претходно сакал да го убие и опљачка, но Мекафи го убедил да работи за него како обезбедување.

 „Секој што се обиде да ме ограби или убие, сега работи за мене“, се фали Мекафи.

БАРОТ НА ЉУБОВЏИИТЕ

Магазинот Вајерд пишува дека Мекафи бил фасциниран од супкултурата на отпадници, проститутки, лопови и секаков полусвет што го запознал во салонот Lover's Bar во Оринџ Вок, град со околу 13.000 жители, осум километри оддалечен од неговиот комплекс, што тој во еден меил го опишува како шупакот на светот - валкан, врел, сив и трошен. Девојките од барот добиваат по еден белизејски долар за секое пиво што ќе им го купи муштерија. За да заработат повеќе, одат во веце за да повраќаат и се се враќаат кај клиентот по ново пиво. Дебелиот газда на барот, еден ден во комплексот на Мекафи ја носи 16-годишна девојка по име Ејми Емшвилер. Носела пиштол, пилотски очила за сонце и  кошула со деколте. Мекафи почувствувал вртлог на чувства: страст, сочувство и сожалување бидејќи малата Ем му раскажува како била злоутребувана од мали нозе. "Знам како да контролирам мажи. Му ја раскажав мојата приказна затоа што сакав да му биде жал и успеа. Милионер во ебано Белизе, каде што луѓето работат цел ден само за да заработат пари, кој не би сакал да го ограби?", се сеќава подоцна Ем. Една ноќ Емшвилер се извлекува од креветот, го зема Смит и Весонот на Мекафи, се враќа до креветот кај што тој спие, затвора очи и му пука во глава. За негова среќа, куршумот завршува во перницата. Тој скокнува, ѝ го зема пиштолот а таа се заклучува во купатило, додека не ми мине нервозата. Од пукањето, Мекафи останува глув на едно уво. Подоцна на Емшвилер, Мекафи ѝ гради куќа, во близина на неговиот комплекс.

Во 2012, во комплексот му упаѓаат 40-тина припадници на елитните единици на Белизе, добар дел од нив тренирани од Американците, и го апсат заради сомнеж за производство на амфетамини, но подоцна бива пуштен заради недостаток на докази.

РЕПУТАЦИЈА НА ПАРАНОИК

Живее со пет различни жени кои имаат посебен бунгалов во неговиот комплекс и тој се сели од бунгалов до бунгалов. Полно е со вооружени стражари а и кучињата чувари се пуштени слободно да шетаат по комплексот. Комшија кој му се пожалил на кучињата е најден убиен. Мекафи тврди дека полицијата сака нему да му го смести убиството. Се крие по штали, редовно менува телефони и едно време пребегнува во соседна Гватемала. Го апсат и таму а Мекафи лажира инфаркт, колку да добие време и да издејствува адвокат за да биде пренесен во САД.

ДО ПОСЛЕДНИОТ ЗДИВ

По враќањето во САД, Мекафи не се смирува. Наоѓа нова сопруга - поранешна стриптизета и проститутка. Шетаат со јахта од пристаниште до пристаниште. Неколку пати бива апсен и ослободуван. Во септември 2015 година објавува дека ќе се бори за номинација на новата Сајбер партија на претседателските избори во САД следната година, а потоа безуспешно се обидува да добие номинација од Либертаријанската партија. На Твитер профилот кој има околу милион следбеници, исто убедливо како во раните 90-ти за вирусите, сега зборува за иднината на биткоинот и другите криптовалути. Предава за нив, се разбира не бесплатно.

Меѓутоа, за неговите активности почнува да се интересира Комисијата за хартии од вредност на САД, а тааа е поопасна од кримосите во Белизе. Ројтерс пиша дека бил обвинет во Тенеси за затајување данок (кој тој го смета за генерално неуставен) и за случај на измама со криптовалути  во Њујорк. Медиумите пишуваат дека му се заканува казна затвор од 30 години.

Мекафи беше приведен на 3 октомври лани на аеродромот во Барселона, кога во бегство од американските власти сакал да стигне во Истанмбул. Неколку дена подоцна, од затворот твитна:

"Добро е. Знајте дека ако се обесам, нешто како Епштајн, тоа нема да биде моја вина". (мисли на регистрираниот сексуален предатор Џефри Епштајн, кој се уби во затвор во САД во 2019 година).

Џон Мекафи беше пронајден обесен во неговата ќелија во затворот Брајанс 2 во Барселона, на 23 јуни.

Милан Милошевиќ

3 јули 2021 - 10:01