Во 1990-та година, Том Круз, заштитното лице на „Топ ган“ ќе рече:
„Некои сметаа дека „Топ ган“ е десничарски филм што има за цел промоција на морнарицата. Децата го обожаваа. Ама, сакам на децата да им кажам дека војната не е таква. „Топ ган“ беше рингишпил, забавен филм кој не треба да се меша со реалноста. Затоа не продолжив и не направив „Топ ган 2“, „Топ ган 3“, „Топ ган 4“ и „Топ ган 5“. Сметам дека тоа би било неодговорно од моја страна.
Човек може само да се восхитува на искреноста на Круз и несебичната одлучност, во таа 1990-та да престане, дури и несакајќи, да ги заведува младите.
Само што, 32 години подоцна, истиот тој Том Круз сними ист таков филм.
59-годишниот Том е платен „само“ 13 милиони долари, но ќе заработи и процент од секој долар што ќе се влее во кино-благајните. Со „Невозможна мисија“ заработи 100 милиони - а сега би можел и да го надмине овој учинок ако сè оди според планот.
А оди:
Топ Ган: Маверик“ веќе заработи 548,6 милиони долари меѓународно, што го прави еден од најголемите хитови во кариерата на Том Круз.
Неговото првично одбивање да биде „неодговорен“ беше одговор на обвиненијата дека тој филм е обично ѓубре од воено-забавниот комплекс.
„Топ ган, тоа всушност беше еден фашистички проект. Ја продаваа идејата дека војната може да биде чиста, дека војната може да се добие...“ вели Оливер Стоун.
Во 1986-та магазинот „Тајм“ обзнани дека за цена од само 1,8 милиони долари, Министерството за одбрана на САД, допуштило користење на воздухопловна станица на морнарицата, 4 бомбардери, и по 20-тина комада Ф-14, Томкети, Тигри и Скајхокси.
„Малку веројатно е дека таков филм може да се сними без значителна поддршка од Пентагон. Само еден F-15 Томкет чини околу 38 милиони. Вкупниот буџет за „Топ ган“ изнесува 15 милиони,“ ќе напише Вашингтон пост.
Во замена за оваа великодушна воена помош, продуцентите на „Топ ган“ дозволиле Министерството за одбрана на САД да прави измени во сценариото. Промените биле значајни но сепак тривијални во однос на вистинскиот проблем кој на мала врата им се протна на сите мејнстрим новинари; дека американската воена машинерија знае да биде широкограда ако во филмот е вткаена дебела пропагандна услуга.
Филмот ги освои кино-благајните, но и ги попали младите Американци. После првите проекции, бројот за пријавени за авијатичари во морнарицата рипна за 500%. За да извлечат максимум, биле поставени регрутни шалтери пред самите киносали.
Овој филм испадна толку влијателен што трасираше пат за нов вид корпоративен филмски производ во кој ќе се поддржат моќите на холивудските ѕвезди и на американската војска. Пред еден продуцент да добие воена помош за ТВ или филмски проект, службеници од Министерството за одбрана ги разгледуваат сценаријата. Пентагон на крај отфрла многу проекти затоа што смета дека го нагрдуваат имиџот на војската.
75-тиот Кански филмски фестивал забрани службено присуство на Руски претставници. Украинскиот претседател Владимир Зеленски се обрати на свеченото отворање со видео-линк од Киев, се повикуваше на Чарли Чаплин, запомагаше за единство, ветуваше дека ќе им дојде крај на диктаторите....
Зеленски доби стоечки овации од богатата филмска елита, славни лица, супермодели, медиуми и критичари збрани во Големиот театар на Лимиер.
„Светскиот социјалистички веб сајт“ резонира вака:
„Владата на Зеленски која недвосмислено го поддржува наци-батаљонот Азов и нејзините спонзори САД и НАТО, се залагаат за сето од кое Чаплин се гадеше. Се наметнува прашањето: како еден Чаплин би ја интерпретирал таа самодоволна каша за „јадната, беспомошна, мала Украина“, вооружена до гуша и финансирана од најголемите империјалистички лопови на планетата?“.
Индепендент оцени дека „Топ ган: Маверик“ дошол во право време, кога авијацијата се пожали дека квалификуваниот персонал е преполовен од почетокот на ковидот а морнарицаата е дефицитарна за околу 5.000 до 6.000 лица.
Не е чудо што Вујко Сем повторно ги дочека Парамонт Пикчрс со одврзано ќесе.