Серијата погрешни одлуки познати како Оскари 2019

Уште пред драмата со Кевин Харт, луѓето кои стојат зад организацијата на Оскарите беа длабоко зацапани во проблеми произлезени од нивни лични одлуки околу годинешното шоу. А и потоа продолжија со истото.

Ако има една олеснителна околност во масовното рендање на организаторите тоа е дека ниту една од одлуките не ја носат заради сопствен хир, туку се работи само за нивни обиди да се справат со проблемите во кои со години се подлабоко заглавува целата церемонија.

Критиките за предолгото траење на целата церемонија, над 4 часа, тие се обидоа да ги ублажат со тоа што доделувањето награди во неколку категории го префрлија во блокот реклами. Според нив најбезболно беше во овој блок да се префрлат категориите монтажа и кинематографија. Според бројни членови на Академијата, токму ова се двете уметнички форми кои го одделуваат киното од сите други медиум. На крај се откажаа од ова.

Слично заврши обидот на Академијата во август годинава да се приближи кон пошироката публика воведувајќи категорија Најпопуларен филм. Размислувањето зад овој потег е дека треба да се прекине со јазот меѓу „евтините“ уметнички филмови кои Академијата ги наградува, и џиновите од кино-благајните што публиката всушност оди да ги гледа, и кон Оскарите да се привлече публиката од кино салите која има „ограничен интерес за филмови со ебење риби“.

Аргументите против главно беа дека блокбастер филмовите веќе се наградени со стотиците милиони долари што ги заработуваат во кино-салите, и дека „популарен“ не е естетска категорија. По некое време, Академијата ја повлече категоријата.

И изборот на Кевин Харт беше направен во правец на популаризација на шоуто и привлекување на публиката која се двоуми што да прави во недела вечер на 24 февруари. Во ова име беше избрзана и целата процедура за избор на водител, со игнорирање на некои од потенцијалните проблеми кои можат да излезат, кои на крај само ја влошија целата работа.

„Конфликтите со кои се соочува церемонијата за Оскар може се нерешливи. Како да направиш популарна церемонија без да ги оддалечиш уметниците на кои треба да им укажеш чест? Дали е можно нестрпливата млада публика да ја спречиш да префрли на некој од стриминг сервисите или на друга ниш забава која е далеку подобро скроена за нивните интереси?

... Да ги вратиш назад на Оскарите тие милиони гледачи изгледа подеднакво веројатно како и обновување на тешката индустрија во САД. Владее фундаментално чувство дека тие едноставно не се враќаат,“ пишува Скот Тобијас во Верџ.


До тогаш, Искрени трејлери за Оскари 2019:

 

21 февруари 2019 - 13:31