Следејќи го системот „бидејќи сте гледале ова, да го видевте и ова?“ човек може дебело да се навлече на мазниот и речиси совршен сервис на Нетфликс и истовремено да открие супер филмови и серии до кои не би дошол сам бидејќи се закопани некаде длабоко во нивниот филмски каталог.
Еден од клучните проблеми на ваквите сервиси е што човек често не знае што сака да гледа. Или не му текнува што да побара. Тука влетува системот на препораки кои Нетфликс го имаат развиено до најсуптилни нијанси а не се потпира на просто нудење на содржини од истиот жанр.
Нивното искуство вели дека оние што го гледале Лук Кејџ попрво ќе забегаат накај документарецот Аманда Нокс или серијата Блек Мирор кои говорат за темните страни на општеството отколку што ќе побараат некој друг супер-јунак.
Персонализираните препораки на Нетфликс не ги следат жанровите и некогаш немаат речиси никаква видлива врска со она што штотуку сте го гледале. Но, паметната машинерија на која Нетфликс со право е горд го изведува тоа со сложени алгоритми кои идентификуваат слични карактери или драмски заплети, актери или режисери кон кои гледачот веќе покажал афинитет. А прави и безброј конекции и со други гледачи кои имале слични избори, како што објаснија деновиве на нивниот блог.
И функционира. Нетфликс соопшти дека над 80% од она што се гледало кај нив во последните две години доаѓа преку нивните препораки.