Како се менува потрагата по љубовта

„Напред беше поарно" - би ви рекла прабаба ви, да можеше да се сети на нејзините љубовни доживувања од младоста. Во минатото идните сопружници живееле релативно блиску едни до други, во исто или соседно село, или во исто градско маало. Денес е малку поинаку.

Во 1932 Џемјс Бросард, социолог од Универзитетот во Пенсилванија, прегледал 5000 дозволи за склучување брак издадени на луѓе кои живееле во тоа време во Филаделфија. Тој забележал дека еден од осум луѓе живееле на истата адреса како и нивниот партнер, што значи во иста зграда, а дури 40% од нив живееле максимум 20 блока оддалечени од идниот сопруг или сопруга. Од друга страна, помалку од 20% ја нашле љубовта надвор од градот.

Овој податок е од книгата „Модерна романса", чии автори се комичарот и актер Азис Ансари и професорот по социологија Ерик Клиненберг. Тие тврдат дека технологијата го има променето начинот на кој луѓето наоѓаат љубов, но дека поголемиот број опции не само што не ја олеснуваат потрагата, туку напротив, ја одолжуваат и често пати ја комплицираат, со тоа продолжувајќи го периодот на ергенство односно моминство. На пример во Англија и Велс во доцните 1960-ти 76% од невестите биле имале под 25 години. Во 2012, тој процент бил 14%. Просечната возраст на женење на мажите во Британија има пораснато во последните 35 години од средни 20-ти на средни 30-ти години.

Секако, објаснувањето зад овој феномен не е само во технологијата. Се работи за подлабоки културни промени. Пред неколку генерации повеќето луѓе се женеле/мажеле порано затоа што бракот бил речиси единствениот начин да се биде независен од родителите, особено за жените. Тие се мажеле локално, затоа што во основа барале „доволно добар" (не и совршен) партнер, а така потрагата не траела многу долго.
- Имаш работа?
- Од пристојно семејство си?
- Сите заби ти се на број?
- Ок, се земаме - вака отприлика се одвивал процесот пред кажувањето на судбоносното „да".

Денес, според извештај на Здружението за онлајн дејтинг, британска групација, 27% од новите врски во оваа земја започнале со средба закажана преку сајт за ваква намена, или мобилна апликација. Онлајн пазарот за дејтинг кој денес се проценува на 212 милиони евра, се очекува да порасне на скоро 300 милиони до 2019.

Слична е состојбата во САД, каде во 1940-тите идните сопружници се запознавале преку црквата или семејствата. До 1990 скоро 40% од паровите се запознале преку пријатели. Но на почетокот од новиот милениум интернет внел огромна промена во спојувањето на луѓето, на секој, па и на романтичен план. Ова особено важи за истополовите врски, но сè повеќе постари и средовечни хетеросексуалци ги користат можностите на интернет за запознавање сродни души.

„Ако си самец и имаш мобилен, практично имаш отворен бар за самци 24 часа во денот, 7 дена во неделата", вели Клиненберг, „а тоа е истовремено и многу заморно и многу возбудливо".

Некои од испитаниците во книгата ова искуство го опишуваат како да имаш второ работно место. Тоа е можеби заради фактот што луѓето повеќе флертуваат онлајн, отколку што се среќаваат во живо. Тие како да сакаат да го оддолжат периодот на макар и виртуелна страст, кој доколку луѓето се сретнат може нагло да исчезне, заради соочување со реалните маани на партнерот. А оние што мислат дека имаат голем избор се повеќе склони да скокаат од една во друга врска, отколку да поработат таа една да профункционира.

 

14 февруари 2016 - 08:38