Во разговор за Фајненшл тајмс американски телеком директор објаснува дека заканите и забраните од американските власти не се придружени од никаков корисен совет кој да ги замени Кинезите:
„Белата куќа упорно нè прашува зошто не можеме да го направиме тоа што го прави Хуавеи, колку време ќе ни треба да го направиме тоа и слично.
Тие изгледа не разбираат дека одамна се имаме откажано од таа можност.“
Моменталниот глобален статус на Хуавеи е: најголемиот светски производител на телекомуникациска опрема со повеќе 5Г договори низ светот отколку која било друга компанија.
Најблиски конкуренти на Хуавеи се Ериксон и Нокиа, кои иако се западни, сепак не се американски компании кои би ја ублажиле болката на Белата куќа.
Ваквата дупка што им се случи на Американците има корени во некои одлуки од 1990-те. Во тоа време, кога царува финската телефонија, САД имаат неоспорна доминација, а компании како АТ&T ги снабдуваат со мрежна опрема телекомите низ цел свет. Како што стануваат премногу моќни во бизнисот со фиксна телефонија, така тие одбиваат доволно агресивно и брзо да се префрлат кон опремата за мобилна телефонија и интернет.
За да се олабави пазарот во 1996-та САД го носат Законот за телекомуникации, кој дозволува влез на голем број нови играчи. Ваквиот развој комплетно ги истенчува финансиите на американските гиганти за производство на телекомуникациска опрема.
Друга слабост е што истиот овој закон дозволува секоја компанија да развива и користи сопствена мрежна технологија, заради што сите се распленуваат во свој правец, дополнително расфрлајќи ги парите. На пример, во исто време сите европски компании се согласија да ја користат ГСМ технологијата и сите свои средства и истражување го фокусираат на нејзе. ГСМ-от подоцна станува глобален стандард за мобилна комуникација.
Паралелно со распленувањето во инвестициите, Западот почнува да ја чувствува привлечноста на кинескиот пазар, па се труди што е можно повеќе да продаде таму за да покрие нешто од нешто од трошоците и да направи некој ќар. Влегувањето на кинескиот пазар речиси секогаш е условено со барање за префрлање на производството во Кина, а со тоа и технологијата.
„Кога и да продававме во Кина, тие бараа да почнеме локално да произведуваме, и технологијата да им ја предадеме на нашите кинески партнери.
На западните компании им беше потребен раст на приходите и тоа значеше дека мораме да играме по нивни правила,“ објаснува телеком аналитичарот и поранешен директор на Луцент, Том Лорија.
На крај француски Алкател го купува Луцент, а германски Сименс ја купува дивизијата за мрежна инфраструктура на Моторола, пред да го купи Алкател-Луцент.
Во ваква ситуација меѓу решенијата кои САД ги има на располагање околу 5Г технологијата е таа да биде развиена од државата, конкретно од Пентагон; или Белата куќа да се помири со реалноста дека најголемиот дел од глобалната 5Г опрема ќе биде произведена вон САД, и да ги убедат сојузниците да користат поскапа европска опрема, наместо евтината кинеска варијанта.
Роберт Мајер од асоцијацијата УС Телеком е со став:
„Цената за заменување на добавувач од обемот на Хуавеи би била преголема. Духот веќе излезе од шишето.“