DeepMind лани го вџаши светот кога користејќи го програмот за вештачка интелигенција AlphaGo го победи светскиот шампион во древната кинеска игра Go, комплексна стратешка игра на табла за која е потребна и интуиција и имагинација поради што се веруваше дека никогаш нема да може да биде усвоена од машина.
Тогаш беше победен апсолутниот светски шампион Ли Се-Дол, 33 годишниот махер од Јужна Кореја кој како вундеркинд ја започна професионалната кариера на 12 годишна возраст и додека не се соочи со компјутерот, имаше 18 брилијантно освоени светски титули.
AlphaGo беше ефикасен бидејќи беше наполнет со милиони и милиони потези на светски играчи и можеше да ги предвидува шансите за победа и на тој начин да ја менува стратегијата на својата игра.
Но, потоа се отиде чекор понапред, со програмот AlphaGo Zero кој беше научен само на правилата на играта, без никакви дополнителни инструкции. Наместо да учи од најдобрите во историјата, овој програм се усовршуваше играјќи милиони пати против себе.
За само три дена ги потепа сите верзии на AlphaGo а за само 40 дена сам ги откри сите финти, принципи и стратегии за кои на човештвото му беа потребни неколку илјади години. Во меѓувреме развил и сопствени, досега невидени стратегии покажувајќи „автентични моменти на креативност“.
Програмот започнува како табула раса и користи тнр. „blank slate learning“ во кој самиот станува свој учител, учејќи од своите грешки, и притоа не му е потребно никакво човечко знаење, податоци или интервенции.
Што е Go и како се игра?
- Древна кинеска игра на табла стара преку 3.000 години и популарна секаде во светот, особено во Азија.
- Играат двајца, со црни и бели камчиња кои се распоредуваат на мрежата на таблата. Целта е да се сардисува противникот. Победува тој што ќе создаде (или загради) најголема територија, а се игра додека има простор за играње на таблата.
- За играње на Go е потребна креативност, интуитивност и визуелна имагинација.
- Бројот на можни комбинации е практично бескраен. Има повеќе потези отколку што има атоми во универзумот па каква било калкулација е невозможна.
Во Гугл се возбудени, не само заради исходот од оваа игра. Замислете AlphaGo Zero на ист начин да успее да се справи, на пример, со сите непознаници на Алцхајмеровата болест?
*****
* Играј Го - македонска промотивна страна посветена на играта и случувања во Македонија