Претпоставката е дека Микрософт на крај ќе се реши на ист потег како и Гугл и ќе ја прекине соработката со кинеската компанија. И ова нема да биде само заради милијардите што ги вади од лиценци за Виндоус, Офис и друг софтвер од американската влада, туку и затоа што по закон мора така да направи.
Компаниите кои ќе прекршат забрана за извоз воведена од властите на САД ги чека цела лепеза казни од граѓански (парични) казни, до наметнување експлицитни квоти колку и што една компанија во иднина смее да извезува, и сето ова под строг надзор на инспектори задолжени за спроведување на казната за извоз.
За посериозни прекршувања на забраната, може да следуваат и кривични казни.
Притоа на забраната внимаваат не само компании од САД, туку и странски компании кои имаат лиценцирано одредена американска технологија мораат да ја прекинат соработката со Хуавеи.
Како што американска адвокатска фирма објаснува за Верџ:
„На пример, технологија со американско потекло која е неопходна за да се произведе една четка за заби, не смее да му биде дадена на Хуавеи од компанија вон САД без дозвола од Бирото за индустрија и безбедност“.
Ова ја објаснува и одлуката на британскиот производител на чипови АРМ, да ја прекине соработката со Хуавеи, и покрај тоа што е основана и е базирана вон САД.