Од мерките за штедење што ги наведува Бизнис инсајдер, Мета (Фејсбук) скрати 1.000 долари по човек, што им беа за велнес и здравствено, веќе нема да можат да се перат на работа, а нема да имаат ни 200 долари месечно за превоз. Следни на отстрел се трошоците за храна. Гугл пак почна да ги ограничува службените патувања само на оние кои се критични за бизнисот, додека Сејлсфорс на вработените им ги скрати слободните денови што можеа да ги земат без особена причина.
Најамбициозен во кратењето е Илон Маск кој откако ги даде парите за Твитер и скрати огромен дел од вработените, почна да ги брише бенефициите поврзани со благосостојба, планирање семејство, продуктивност, обука и работа од дома. Вработените на Твитер повеќе нема да имаат ни бесплатно јадење во својата менза.
Утеха за ИТ страдалниците е што укинувањето на бенефициите никако нема да ги допре нивните плати, кои и понатаму остануваат високи.
На ниво на индустрија расположението исто така натежнува кон штедење па 7 од 10 директори планираат да скратат на трошоци за простории, затоа што вработените не се откажуваат од работење од дома.
Токму работењето од дома е една од главните бенефиции за кои се загрижени вработените во ИТ индустријата, кои изјавиле дека главно се ОК со овие рестрикции, сè додека ги оставаат да работат од домовите. Тие и самите признаваат дека немало потреба од погодности како хамоци, видео-игри, претплати за апликации за ментално здравје.