МИТ сака сите да ги претвори во земјоделци

Компјутерот за храна е производ на МИТ, кој го создаваат по комплетниот крах на јапонското земјоделство предизвикан од цунамито и нуклеарната катастрофа во Фукушима, инаку главниот земјоделски регион во земјата. Сега од МИТ сакаат секој сам да го направи компјутерот и да се зафати со земјоделство.

Во основа она што тие го нарекуваат компјутер е високотехнолошки „пластеник“, кој има системи за контрола на климата (светла за растење и навлажнувачи), сензори за мониторирање на нивоата на кислород, температурата и останати климатски варијабли. И хардверот и софтверот за компјутерот се опен-сорс, без за тоа МИТ да бара никакви лиценци или што и да е.

Растенијата што се одгледуваат во компјутерот не растат во почва туку се поставени на хидропоничен (корените им се во вода) или аеропоничен систем (корените им се во воздух и се прскаат неколку пати на ден).

Причината зошто МИТ му „го натура“ ова решение и на остатокот од светот што не е Фукушима, е затоа што според нивни бројки само 2% од американската популација ја произведува храната што ја јаде, 30% од светското производство на храна се фрла, а до 2050 побарувачката за храна во светот ќе порасне за 70%.

Освен што ќе расте најразлични плодови, компјутерот ќе собира и огромни количества податоци за најразличните растенија што ќе бидат одгледувани во нив. Под „огромни“ се подразбира околу 3,5 милиони податоци по растение за време на еден циклус од садење до собирање плодови.

Потоа податоците од сите компјутери што се во мрежа се собираат во база на податоци (отворена за секого) и посебен алгоритам ги филтрира „со цел да создаде климатски рецепти за добивање плодови со оптимизирани фенотипски карактеристики - боја и големина - или варијабли како енергетска и хемиска потрошувачка“. Овие рецепти потоа ќе можат да бидат симнати од други корисници и да бидат употребени во нивните компјутери, што во пракса „ќе го претвори просечниот човек во врвен градинар“.

Компјутерите ќе доаѓаат во три различни големини, еден за лична употреба кој може да се смести на обична маса, втор со големина на бродски контејнер, и трет со големина на магацин. Бидејќи проектот е опен-сорс сите три можат да бидат изградени од кого било што ги има потребните материјали и знаење. Првата генерација на персонални компјутери за храна беше пуштена пред 6 месеци и чинеше 1.000 долари за составување. Последната генерација имаше премиера пред неколку недели и нејзиниот цех беше околу 2.000 долари.

 

Повеќе околу проектот тука.

 

21 декември 2016 - 10:51