Вашингтон тврди дека инсталирањето на 5Г опремата на Хуавеи во државната мобилна мрежа е закана за националната безбедност затоа што кинеската влада би можела да го искористи Хуавеи за прислушување на американските корисници или извршување на сајбер-напад.
По сето ова, американските власти му забрануваат на Хуавеи да им продава 5Г опрема на телеком операторите во земјата, а истовремено извршија притисок и речиси цел Западен блок да ја забрани или извади опремата на Хуавеи од своите мрежи.
Нормално кинеската компанија го негира тоа и наведува дека во нејзиното 30-годишно постоење нема ниту еден доказ дека тие се помалку безбедни отколку опремата од Ериксон, Нокиа и Самсунг. Во кампањата за расчистување на имиџот, првиот човек на компанијата пред сала полна новинари изјави дека кинеската влада никогаш не побарала да постават спајвер или каква било недозволена технологија во опремата на Хуавеи, и дека тој попрво би ја затворил компанијата отколку да направи такво нешто.
Наспроти ова противниците на Хуавеи наведуваат дека и покрај намерата на компанијата, таа со кинескиот закон е обврзана да постави „задна врата“ во својата мрежна опрема ако тоа биде побарано од нејзе. Тие како аргумент го наведуваат Законот за разузнавање кој кинеските законодавци ги изгласаа во јуни 2017.
За ова тврдење консултирана е глобалната адвокатска фирма стационирана во Лондон, Клифорд Ченс. Тие за оваа цел ја прегледуваат анализата на Законот за разузнавање, и нивниот недвосмислен заклучок е:
„Никаде кинескиот закон не му дава право на Пекинг да ги обврзе компаниите за производство на телекомуникациска опрема да постават задна врата или уреди за прислушување - или да се впуштат во какво било друго однесување што би можело да ја загрози безбедноста на мрежата.“
Друг аргумент на противниците е дека кинескиот Закон против тероризам ги присилува телекомуникациските провајдери да и помогнат на државата во откривање на нелегални активности и тероризам. Меѓутоа анализата на овој закон покажува дека тој е компатибилен на она што го има и во други држави, вклучително и САД.
Кинеските закони дополнително прават разлика меѓу компаниите кои управуваат со мрежите (телекомите) и оние што ја произведуваат мрежната опрема (пример Хуавеи). Па дури и ако операторите се обврзани да и помогнат на државата, Хуавеи не е.
Клифорд Ченс дополнително заклучуваат дека законите немаат екстериторијална сила, односно не важат за филијалите, вработените и операциите на Хуавеи вон Кина.
„Да сумираме: ниту еден кинески закон не обврзува на инсталирање задна врата или друг спајвер. Ако Хуавеи го одбие барањето да шпионира, на неговите директори не им се заканува затвор.
Ако постојат докази против Хуавеи тогаш САД треба да ги објават, и да им дозволат на останатите влади да направат информирана одлука околу тоа дали ќе работат со компанијата или не. Што и да одлучат, политичарите не треба тоа да го прават под впечаток дека според кинескиот закон на Хуавеи може да му биде наредено да постави задна врата во својата опрема. Таков закон не постои,“ пишува Жу Хануа во текстот за магазинот Вајард.