
На локација десетина километри од брегот на Шангај, кинеската компанија Hailanyun во јуни почна изградба на подводен центар за податоци. Во проектот вложи 223 милиони долари и очекува да проработи веќе од септември.
Дата-центрите за развој на вештачка интелигенција трошат огромни количини електрична енергија и вода поради загревањето на серверите што работат непрекинато. Топлината може да ја оштети опремата и да ги уништи податоците, поради што е нужно постојано ладење. Од вкупната енергија што им е потребна, дури 40% се троши за разладување на вода, која се црпи од бунари, реки или потоци.
Некои компании за ВИ градат дата-центри во пустински региони, како Аризона, Тексас, Шпанија или Блискиот Исток, за да се намали ризикот влагата да ја оштети опремата. Тоа значи дека мораат дополнително да носат вода за разладување. Со спуштање на целиот центар во морето, водата ќе циркулира низ затворен систем од цевки и радијатори.
Истражување на Hailanyun во соработка со Кинеската академија за информатичка и комуникациска технологија покажало дека центрите изградени под вода ќе трошат по 30% помалку енергија од оние на копното. Центарот што е во изградба ќе биде поврзан и со офшор плантажата со ветерници, кои би требало да задоволат 97% од потребите за струја, наведува портпаролот на компанијата, Ли, Лангпинг.
Во првата фаза ќе бидат поставени 198 серверски конзоли, во кои ќе може да се сместат двојно или четири пати повеќе сервери – што е доволно голема компјутерска моќ за еден ден да се заврши обука на систем за ВИ еквивалентен на GPT3.5 на ОпенАИ. Копнените центри се значително поголеми и помоќни. Оние во Кина вообичаено содржат 3.000 решетки за сервери, а најголемите и до 10.000.
Кинезите всушност ја копираат технологијата со која Мајкрософт експериментираше пред десетина години. Во рамките на Проектот Натик, капсула со 800 сервери беше спуштена 40-ина метри под површината на морето кај Шкотска. По две години било потврдено дека опремата е сигурна, практична и енергетски одржлива. Имала помала корозија во споредба на копнените центри, бидејќи контејнерот бил исполнет со азот и запечатен.
Иако во моментов немаме центри за податоци во вода, ќе продолжиме да го користиме Проектот Натик како платформа за истражување, тестирање и валидација на нови концепти околу сигурноста и одржливоста на центрите за податоци, соопшти Мајкрософт.
За споредба, Hailanyun го почна својот пилот-проект во декември 2022 година и го комерцијализира за само 30 месеци. Сега и Јужна Кореја планира сличен проект, а Јапонија и Сингапур развиваат дата-центри на површината на морето.
******
Види и: Кинеските 2.000 метри под морето
Компјутерски центри и на небо и на земја