Кинеските 2.000 метри под морето

За амбициите на кинеските инженери буквално нема граници. Ќе градат огромна станица длабоко под морето, проект што по комплексноста може да се спореди со три модули на вселенска станица. Целта е научно-истражувачка, но ползата може да биде и економска поради вредните минерали на дното на морето. Ќе се проучува и дали ретките организми може да помогнат  да се најде лек за рак.

Кинеската академија на науките доби дозвола за изградба на револуционерна станица на морското дно, околу 2.000 метри под површината на Јужно Кинеско Море. Станицата треба да стане оперативна до 2030 година.

Станицата стратегиски ќе биде лоцирана меѓу изобилни хидротермални отвори што ослободуваат топла вода богата со минерали во екстремни природни услови овозможуваат живот на 600 различни видови.

Инженерските предизвици за градење на такви длабочини бараат иновативни решенија. Мора да се обезбедат системи за долгорочно одржување на животот, континуирано следење на хидротермалните отвори, еколошките промени и тектонската активност. Централниот модул ќе се поврзе со поширока инфраструктура со оптички влакна за собирање податоци и комуникација во реално време. Автономни подморници и бродови на површината ќе ја комплетираат мрежата.

Ќе се проучува и морското богатство. Дното на Јужно Кинеско Море содржи приближно 70 милијарди тони метански хидрати, што енергетски е еднакво на половина од кинеските резерви на нафта и гас. Длабоко под брановите се кријат и наоѓалишта на вредни минерали, како кобалт и никел, во концентрации три пати повисоки отколку во рудниците на копното. Овие елементи се клучни суровини за напредните технологии.

Биолозите ќе ги истражуваат ретките организми што живеат околу хидротермалните отвори.  Екстремните средини еволутивно ги принудиле овие организми да произведуваат уникатни ензими за да се прилагодат на висок притисок без сончева светлина. Проучувањето на ензимите потенцијално би можело да помогне за да се развијат лекови за рак и други болести.

3 мај 2025 - 13:39