Барањето доаѓа директно од првиот човек на американските телекомуникациски регулатори, комесарот на ФЦЦ (Federal Communications commissioner), Брендан Кар.
Кар директно им испратил писмо на првите луѓе на Гугл и Епл, Сундар Пичаи и Тим Кук, во кое алармирал околу кинеската сопственост на Тикток, тврдејќи дека апликацијата „жнее изобиле на чувствителни податоци до кои според новите извештаи сега пристапуваат во Пекинг“. Тој не може директно да ги натера двете компании да го забранат Тикток, затоа што ФЦЦ не е одговорна за регулирање на нивните продавници.
Комесарот се повикува на извештај од Базфид њуз, кој открива дека вработени во мајката компанија на Тикток, Бајтденс, повеќекратно пристапувале до приватни податоци на американските корисници и покрај тоа што компанијата константно гарантира дека тоа не се случува.
„Јасно е дека Тикток претставува неприфатлив национален ризик заради изобилието на податоци што ги има во комбинација со неконтролираниот пристап до нив од страна на Пекинг.
Меѓутоа јасно е дека шаблонот на однесување на Тикток и лажното претставување на неограничениот пристап до американски кориснички податоци што го имаат лица од Пекинг, прави тој да е вон правилата што и двете ваши компании бараат да бидат почитувани од секоја апликација како основа за останување на вашите продавници за апликации,“ пишува Кар.
Од двете компании се уште немаат одговор и коментар околу писмото, а од Тикток ја повторуваат истата реакција што ја имаат и за текстот на Базфид, дека со задоволство би седнале пред американските законодавци за да ги расчистат тврдењата на Базфид.
Тикток е производ на кинескиот Бајтденс, и на почетокот таа е чисто кинеска социјална мрежа, за по неколку години да се прошири во САД и светот.
Првите драми околу приватноста на податоците што ги собира Тикток се случија во времето на Трамп, кој имаше проблем со тоа податоци на американски граѓани да бидат под контрола на компанија која доаѓа од комунистичка Кина и сакаше да ја забрани нејзината работа. Од Тикток тогаш појаснија дека сите американски податоци се чуваат во САД, и дека на истите само им се прави бекап во Сингапур.