Ако при купувањето на Моторола целта на Гугл пред сè беа технолошките патенти што ги има компанијата, овој пат нишанот им е на експертите за технологија на ХТЦ, кои треба да го засилат хардверскиот тим на Гугл. Со договорот околу 2.000 вработени на ХТЦ (петина од вкупната работната сила) кои го сочинуваат Пиксел тимот во компанијата се селат во Гугл.
"Со овој договор, тимот од таленти на ХТЦ ќе му се приклучи на Гугл како дел од хардверската организација.
Овие идни колеги се извонредни луѓе со кои веќе имаме блиску соработувано на Пиксел смартфоните," изјави директорот за хардвер на Гугл, Рик Остерло.
Претходно, во 2011 Гугл ја купи Моторола за 12,5 милијарди долари, за само 3 години подоцна да му ја продаде на Леново за 2,91 милијарда (со тоа што претходно имаше распродадено одредени делови на Моторола). Самиот Остерло беше главен оперативен директор на Моторола.
Со последниот потег Гугл само дополнително се наклонува кон стратегијата на Епл, да биде директно одговорен и за софтверот и за хардверот на уредите. Откако извади неколку генерации на Нексус смартфони (чист Андроид директно од Гугл со уред направен од надворешен бренд за потребите на Гугл), минатата година тие го претставија Пиксел, првиот смартфон комплетно произведен од Гугл (исто како што Ајфон е комплетно произведен од Епл во Фокскон).
По договорот со ХТЦ, шпекулациите се дека сега Гугл ќе влезе во производство на чипови, за да не мора да зависи од надворешни добавувачи.
За 4-ти октомври е закажан Гугл настанот на кој треба да биде објавен Пиксел 2 (и Пиксел 2 Иксел), како и новиот Хромбук.