Нова форма на шифрирање податоци, отпорна на конвенционалните начини на напади, може да ги направи нашите дигитални животи многу посигурни, пишува Гизмодо новината инспирирана од начинот на кој срцето и белите дробови ја координираат својата работа.
"Нашиот метод е радикално различен од досегашните процедури. Бевме инспирирани од моделот по кој функционира кардио -респираторниот систем кај човекот што беше неодамна откриен. Нашата комплетно нова шема на енкрипција на податоци е високо отпорна на вообичаените методи на напад," вели Томислав Станковски, еден од истражувачите од Универзитетот во Ланкастер кои го развиваат овој метод.
Ваквото шифрирање зависи од временските варијации меѓу две независни а поврзани функции. По примерот на белите дробови и срцето, кои се независни органи меѓутоа постојано си проследуваат информации за својата работа и на тој начин меѓусебе се регулираат. Ваквата информација е битна само во контекст на она што се случува на двата краја на комуникацијата.
Наодите на екипата предводена од Анета Стефановска се публикувани во Physical Review X и истражувачите тврдат дека нивниот метод нуди неограничен број избори базирани на тајниот клуч на енкрипција меѓу праќачот и примачот. Тоа дозволува неколку симултани текови на информации кои е речиси невозможно да бидат пробиени и е многу отпорно на надворешен "шум".