Настрана тоа што Владата во Дубаи веќе најави воведување роботизирани полицајци, летачки такси и автономни возила на своите патишта, а неодамна назначи и министер за вештачка интелигенција, таа во сосема нови подрачја ќе ја воведе и тн блокчеин технологија која што главно се поврзува за светот на финансиите и банките.
Според Смарт Дубаи, која што организира работилници за владини и приватни организации за да ги идентификува услугите кои најдобро можат да се подобрат со помош на блокчеин технологијата, на овој начин може да се заштедат 25,1 милиони работни часови што на емиратот ќе му донесат заштеди од 1,5 милијарди долари годишно.
Не е одминат ниту пазарот на недвижности, еден од најдинамичните во Дубаи. Со цел радикално да се трансформира како луѓето купуваат, продаваат и изнајмуваат недвижен имот, надлежната владината агенција ноедамна воведе блокчеин систем за електронско евидентирање на сите договори за недвижностите и поврзување на сопствениците на куќи и станарите со давателите на услуги, како што се компаниите за електрична енергија, снабдување со вода и за телекомуникациски услуги.
Сето ова е значајно за град кој е рангиран на четвртото место во светот според приливот на екстремно богати поединци. Очекуваат блокчеин технологијата која што спречува измами и е транспарентна, да влијае и врз зголемување на довербата кај илјадниците глобални инвеститори присутни во Дубаи.
Претходно оваа година становите во градба во Дубаи почнаа да се продаваат за биткоини а во октомври, емиратот воведе своја сопствена криптовалута, наречена emCash, која што може да се користи за плаќање на владини и невладини услуги. „Дигиталната валута има повеќе предности - побрзо процесирање и време за испорака, поедноставна е и има помали трошоци", вели Али Ибрахим, заменик-генерален директор за економија во Дубаи.
За блокчеин технологијата се смета дека ќе донесе револуционерни промени благодарејќи на новиот начин на процесирање на дигиталните трансакции, преку користење на т.н. децентрализирана база на податоци и дистрибуирано процесирање кое се врши на стотици компјутери. На тој начин се обезбедува чување запис односно трага од секоја трансакција, па не постои можност за било какви подоцнежни промени што гарантира исклучително висока безбедност и доверливост на трансакциите, како и голема брзина на процесирањето.