Неделава Зеленски побара од парламентот да изгласа 30-дневно продолжување на воената состојба. При тоа според Законот за одбрана на Украина, претседателот и официјално може да и објави војна на Русија. И покрај ова, Киев се уште има формални односи со Москва.
Андреј Сидоров е декан на Факултетот за светска политика на Московскиот универзитет, и објаснува дека со правното прогласување на војна веднаш се менува статусот на државата.
„На пример, според меѓународен закон забрането е да се снабдува оружје на завојуваните држави. Иако Русија спроведува специјална операција, а Украина воведе воена состојба, ние официјално не сме во војна. А тоа значи дека Западот може легално да го снабдува Киев со против-тенковски ракети,“ објаснува Сидоров.
За рускиот професор постојниот статус и помага на Украина и во однос на имиџот што го има во очите на Европа и САД.
Паралелно со целото војување, бомбардирање и гинење, низ украинските гасоводи и понатаму се пумпа руски гас со полн капацитет, што за Украина, што за Европа. Прогласувањето на војна ќе ја запре испораката на гас, а Украина ќе биде присилена да го национализира рускиот гасовод што минува низ нивна територија. Цената на ова е Украина да ја изгуби поддршката од Западот кој ќе се премрзнува (Русите прогнозираат послаби ветрови периодов, а со тоа и помалку енергија од обновливи извори), а Русија да ги изгуби парите што ги прави од баснословните цени на берза. Моментално преку Украина се испорачуваат 100 милиони кубни метри гас дневно, што е речиси максимумот, за што пак Киев очекува да добие пари од Москва како што беше и пред војната.
Прогласувањето војна значително го менува животот на украинска територија, бидејќи најголемиот дел од постојните закони престануваат да функционираат, а властите на пример ќе треба да почнат да национализираат цивилен превоз.
Стратешки прогласувањето војна против Русија би било погрешно и затоа што тоа ја активира клаузулата од договорот на ОДБК (Организација на Договорот за колективна безбедност) која предвидува дека ако една од членките е нападната тогаш сите треба да помогнат. Моментално членки на ОДБК освен Русија се: Белорусија, Казахстан, Киргистан, Таџикистан и Ерменија.