Зошто Путин ќе му прави ревизија на секој административец?

Секој државен службеник на Русија, без разлика дали е функционер или чиновник, има фора до 1-ви јули да се ослободи од целиот свој имот во странство, акциите или банкарски сметки. По овој датум, сите ги чека ревизија, не од независен ревизор или компанија, туку од администрацијата на Путин.

Според новите правила секој административец ќе треба да поднесе доказ за потеклото на неговите приходи и трошоци од 1-ви јануари 2009-та. А одговорен за спроведување на оваа одлука ќе биде, никој друг, туку Сергеј Иванов.

Законот ќе ги опфати и вработените во државните корпорации како Газпром и Роснефт (директорите на овие две компании веднаш соопштија дека не им е потребен рок до 1-ви јули бидејќи сите нивни пари се во Русија).

Самиот Иванов призна дека новите мерки значат дека еден дел од луѓето ќе решат да ја напуштат државната служба, меѓутоа "тоа се новите правила и луѓето треба да решат што им е приоритет."

Во 2012-та, 1,3 милиони административци требаа да дадат документи за потеклото на својот имот. Од нив, на 211.000 им беше направена ревизија, по што 322 лица беа отпуштени.

Целата идеја се смета за обид за "национализирање" на руската елита, која Русија ја гледа како земја за експлоатирање, за откако ќе завршат работа да отидат да живеат на друго место.

Според други, причината за воведувањето на овој закон е тоа што Путин искрено верува дека странските влади стојат за движењата против него.

"Во тој момент Путин сфати дека голем број од службениците, избраните функционери и бизнисмените зависат до Западот - заради нивните деца кои живеат таму, заради недвижнините кои ги купуваат во Лондон и банкарските сметки во Швајцарија. Тогаш нему му дојде идејата да се обиде и сето тоа да го врати назад во Русија, за Западот да нема толкаво внимание."

Еден руски функционер потсетил на преговорите со САД во врска со ракетниот штит што сакаа да го постават во Европа. На заканите на Русите дека за возврат ќе ги бомбардираат европските градови, еден од американските преговарачи одговорил: "Дали вие навистина мислите дека ќе ви веруваме дека ќе нападнете град во кој вашите деца одат на училиште и во кој ги чувате вашите пари?" Коментарот долго време ги оставил руските преговарачи без одговор.

Најголемата забелешка на законот е зошто ревизијата ќе ја прави самата држава, а не некоја институција која ќе биде комплетно независна од целосната државна структура и во која обичниот граѓанин ќе може послободно да ги даде своите забелешки.

12 април 2013 - 00:47