Губењето на Тајван за САД би било огромна дупка во нивниот одбранбен систем во регионот и губење на пристапот до чипови и други критично неопходни компоненти кои денес се произведуваат на островот.
Друга работа е што војна со Кина не би можела да се спореди со ниту една војна која САД до сега ја воделе, главно заради воените, економските и техничките капацитети на Кина војната за прв пат во историјата да ја донесе на американско тло.
Стратешкиот аналитичар и одбранбен планер, Рос Бабаџ, во својата анализа на можната војна во Њујорк тајмс пишува:
„Кина најверојатно ќе започне инстантен воздушен, поморски и сајбер напад за заземање на клучни стратешки точки во Тајван во рок од неколку часови, пред САД и неговите сојузници воопшто да можат да интервенираат.
Ако се сеќавате колку брзо паднаа Авганистан и Кабул во 2021, сфаќате дека освојувањето на Тајван би можело да се случи прилично брзо.
Кина има над 1.350 балистички и крстосувачки ракети кои можат да удрат на САД и сојузничките сили во Јапонија, Јужна Кореја, Филипините и американските територии во Западниот Пацифик. Исто така тука е тешкотијата со која ќе се соочи САД во водење војна оддалечена илјадници милји на другата страна на Пацификот против непријател кој ја има најголемата морнарица во светот и најголемата воена авијација во Азија.“
Процената на Бабаџ е дека иако САД повеќе би сакале да водат конвенционална војна, Кина е подготвена да води многу поширок тип на војна кој ќе задре длабоко во американското општество. Ова ќе значи обид на кинеското раководство да ја искористи поделеноста во американското општество „со повеќестрана кампања за поделба на Американците и поткопување и истоштување на нивната волја да се вклучат во продолжен конфликт“.
„Во изминатите две децении, Кина изгради значителни капацитети за сајбер-војување создадени за пробивање, манипулирање и подривање на САД и сојузничките влади, медиумски организации, бизниси и граѓанското општество.
Ако пукне војна, може да се очекува Кина да го искористи ова за да ги наруши комуникациите и да шири лажни вести и други дезинформации. Целта на ова би било да се гаи конфузија, поделба и недоверба и да се наруши процесот на носење одлуки. Кина би можела ова да го надополни со електронски и веројатно некакви физички напади на сателити и останата инфраструктура.
Овие операции најверојатно би биле придружени со сајбер-офанзиви за нарушување на дотокот на струја, гас и вода, превозот, здравството и други јавни сервиси. Кина веќе ги покажа своите капацитети, вклучително и во Тајван, каде таа има водено кампањи за дезинформации, како и сериозни хакерски инциденти во САД.
Кина исто така ќе ја искористи и својата доминација врз синџирот за снабдување и испорака. Влијанието врз Американците ќе биде длабоко,“ пишува Бабаџ.
Ако САД успеаа да го ублажи ударот што санкциите против Русија го имаат врз економијата, истото се проценува дека ќе биде невозможно доколку ја спукаат со Кина, на чие производство се базира и работи огромен дел американската економија.
Додека Комунистичката партија би можела да го замолчи потенцијалното домашно незадоволство од влијанието на војната врз економијата, тоа ќе биде еднакво на невозможно за американските власти кои паралелно со војната ќе треба да се справуваат со инфлација, скок на невработеност и стопирање на работата на берзите.
„САД ќе бидат присилени да се соочат со шокантната реалност дека индустриските мускули кои беа клучни во победи како таа во Втората светска војна, се издишани и се надминати од Кина...
...Уште покритично е што САД повеќе не можат да произведуваат повеќе оружје од Кина, што стана јасно од војната во Украина. Снабдувањето на Киев со воена опрема ги испразни американските залихи за неколку клучни воени системи. Нивното пополнување ќе трае со години. Сепак војната во Украина е релативно мала во однос на она што ќе биде потребно за отворена војна на Пацификот...
... Балонот кој периодов ги надлета Соединетите држави за многумина Американци беше шокантно нарушување на американскиот суверенитет од страна на Кинезите. Може да се случи тој да биде детска игра во споредба со пустошот кој Кина би можела да го предизвика врз Америка во случај на војна,“ предупредува Бабаџ.