Во потрага по милијардите на Путин

На листата Руси што се најдоа под санкции на САД, се издвојува името на Генадиј Тимченко, човекот кој е делумен сопственик на компанијата Гунвор Груп (4-ти по големина трговец со нафта во светот и која во 2013-та имаше приходи од 90 милијарди долари). Се верува дека ова е човекот што ги пази парите на Путин во фирмата.

Основата за воведување на санкции од Стејт департманот е дека "Путин има инвестиции во Гунвор и може да има пристап до неговите фондови."

Ваквата одлука следува и покрај тоа што магазинот Економист се извини за тоа што во 2008-ма објавил дека постои поврзаност меѓу Путин и Тимченко, како и посетата на врвот на Гунвор на Стејт Департманот на САД во која им понудија докази дека Путин нема, ниту некогаш имал каков бил директен или индиректен удел во компанијата. "Ние им обезбедивме докази, ама се уште не сме виделе докази од нив, ниту знаеме дали некогаш ќе видиме," изјавиле од компанијата во врска со санкциите.

Во новата рунда санкции, САД планираат на листата да ги додадат Игор Сечин, претседателот на Роснефт, и Алексеј Милер, првиот човек на Гаспром. Осомничени по иста основа како и Тимченко.

"Ако нешто покажа ситуацијата со Гунвор тоа е дека САД не се плаши да ги гони оние кои се во кругот на Путин.

Проблемот што САД сега почнува да го воочува е дека овие наводни милијарди што лидерот на Русија може (а и не мора) да ги има се прилично проблематични да се откријат. Има многу шпекулации и сомневања, ама фактите се прилично тенки," пишува сајтот Зиро Хеџ, кој потсетува на сомнежот дека богатството на Путин е некаде меѓу 40 и 70 милијарди долари.

Според официјалните бројки од Кремљ, во 2013-та платата на Путин е 102 илјади долари.

Во 2007-ма ЦИА изработува таен извештај за имотот на Путин, кој никогаш не е објавен и го имаат прочитано само неколку функционери. Во него, богатството се проценува на 40 милијарди долари. Меѓутоа критиката е дека целиот извештај речиси ги копира јавно објавените бројки на рускиот аналитичар Станислав Белковски (инаку близок на Кремљ).

Во 2010-та, бизнисменот Сергеј Колешников, објави јавно писмо во кое тврдеше дека му помогнал на Путин да изгради милијарда долари вредна палата на Црното море. Кремљ ги отфрли тврдењата како апсурдни. Во 2012-та, лидерот на опозицијата, Борис Немцов, објави список на сите привилегии што се на располагање на Путин, вклучувајќи 20 резиденции, 15 хеликоптери, 4 јахти и 43 авиони.

За да биде појасно зошто е толку компликувано откривањето на парите на Путин, треба да се види примерот со имотот на Тимченко, кој е само еден од милијардерите од опкружувањето на рускиот претседател. Тоа изгледа вака:

- 44% од вкупниот имот на Тимченко доаѓа од неговиот удел во Гунвор (сместен на Кипар), кој на 19-ти март 2014. на неколку дена пред санкциите му го продаде на партнерот Торбјорн Торнквист.

- Преку луксембуршкиот Волга груп, неговиот главен извор на инвестиции, Тимченко поседува 23% од акциите во компанијата Новатек, вториот по големина руски производител на природен гас. 31,5% од петрохемиската компанија Сибур, и 80% од железничката компанија Трансоил.

- Сибур го поседува преку холдингот Сибур ЛТД, каде што е партнер со милијардерот Леонид Микелсон. Двајцата ја купуваат компанијата од Гаспромбанк, дел од Гаспром, во 2010-та и 2011-та.

- Поседува и 80% од градежната компанија Стројтрансгас.

- Преку Волга, Тимченко има удел и во Рорвик Тимбер и Russian Sea Group, компанија за одгледување риби и преработка на морска храна. Има 8% во Банката на Русија, 12,5% од осигурителната компанија Согас, 49,1% од осигурителната компнија Соваг и 30% од компанијата за ископување јаглен Колмар. Гунвор има дополнителни 30% во Колмар.

- Тој контролира и 70% во Авиа груп, кој ја гради инфраструктурата за центарот за бизнис авијација на Шереметјево аеродромот во Москва, Авиа Груп Норд, кој обезбедува услуги од бизнис авијација за летови од аеродром Пулково во Санкт Петербург и 99% од компанијата за изнајмување приватни авиони Ерфикс Авиејшн.

Инаку, првите луѓе на Роснефт и Гаспром кои се следни на списокот за санкции, се сметаат за двајцата најмоќни луѓе во Русија, по Путин.