Во февруари во Нигерија ќе се случат неспоредливо најголемите избори годинава, а во октомври во Пакистан, најгласните, меѓутоа на 18 јуни во Турција се најважните избори во 2023, пишува колумнистот на Блумберг, Боби Гош.
Од една страна западните лидери ќе бидат пресреќни да не мора повеќе никогаш да работат со Ердоган, што заради купувањето на руски одбранбени системи и блокирањето на членството на Шведска и Финска во НАТО, што заради заканите дека ќе ја преплави Европа со бегалци и општо што не им оди по ќеиф.
За САД и Европа ќе биде далеку подобро без мешањето на Ердоган, посебно во време кога се во директна конфронтација со Путин. И без да е проблемот со Путин, западните аналитичари веќе го сметаат Ердоган за премногу застранет од нивните позиции за да може да биде вратен назад, а за дел од нив светогледот на Ердоган „е далеку порадикален од тоа што го мислат најголемиот број Западњаци.“
Процената на директорот на истанбулскиот тинк-тенк ЕДАМ, Синан Улѓен, е дека ако Ердоган биде поразен „неговиот наследник ќе ја трансформира Турција во многу поинаков меѓународен играч, многу покомфорен од својата позиција како Западна нација.“
Контра-аргументот на Гош е дека дури и да се случи тоа, никој не треба да очекува брз пресврт од 180 степени, бидејќи „Ердоган имаше 20 години за го посее својот радикален светоглед низ турските институции.“
„Не треба да се заборави дека на Ердоган му беше потребен поголемиот дел од првата деценија да ја поткопа секуларната длабока држава изградена од Кемал Ататурк, а низ цел тој период неговата партија имаше удобно мнозинство во парламентот.
И сето ова под претпоставка дека гласачите ќе го избркаат Ердоган што е далеку од сигурност. Турците се на два умна околу својот претседател и неговиоте политики. Анкета од октомври покажа дека рејтингот на Ердоган е пораснат на 47,6% од околу 39% пред една година. Ова е впечатлив успех за кој било лидер што е толку долго на власт како него, ама е еднакво на чудо за лидер кој ја води државата во време на економски хаос,“ пишува Гош.
Наспроти ваквите бројки лично на Ердоган, најголемиот број до Турците сметаат дека нивната држава оди во погрешна насока. Ваквата подвоеност меѓу бројките на Ердоган и на неговите политики, се должи главно заради тоа што најголемиот дел од Турците се уште не знаат кој ќе биде замената.
Пример, најголемата опозициска коалиција, Маса за шест, на шест месеци пред изборите се уште нема објавено кој ќе биде нивниот претседателски кандидат, иако двајцата главни кандидати се градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу и долгогодишниот лидер на најголемата опозициска партија Републиканска народна партија, Кемал Киличдароглу. За Ердоган најдобар противник би бил токму Киличдароглу, кој Гош го опишува како „безличен ветеран кој 12 години ја води РНП.“
Гош на коалицијата и забележува и затоа што се уште нема јасна стратегија за средување на турската економија.
Без разлика кој ќе биде противникот, главниот адут на Ердоган е и може да биде само економијата и нејзиното закрепнување пролетва, што тој очекува да се случи со помош на инвестиции и банкарски депозити од Емиратите и Саудиска Арабија, плус ветувањето на Путин дека по затворањето на Северен тек 1 и 2 Турција ќе стане центарот за испорака на природен гас на Европа.
„Во добар дел, Ердоган и неговата партија го воскреснаа старото страшило на курдскиот тероризам и западната подмолност, како и стандардните плашења со опасноста што хомосексуалноста ја претставува за семејството и исламските вредности. Заканите кон Грција се со цел за разгорување на националистичкиот гнев.
Овие тактики и претходно му помогнаа на Ердоган на победи на избори. Можеби пак ќе му помогнат. Се додека Турците не ги дадат своите гласови, западните лидери и понатаму ќе се тресат,“ порачува Гош.