Џамил не може да престане да мисли на гласовите кои доаѓа од зградата: мешавина на молитви, врескање, плач и молење кои се извиваа од планината урнатини. "Ги слушавме луѓето како бараат помош. Ги слушавме како молат за вода и ги рецитираат молитвите. Толку многу од нив останаа надвор од нашиот дофат," се присетува пожарникарот. Им помогнаа на оние кои можеа, однесоа храна и вода до луѓето кои беа заробени во достапните урнати под џиновскиот куп на рушевини кои неколку дена пред тоа беше се уште функционална фабрика.
Катастрофата, во која неколку илјади луѓе беа живи закопани во Рана Плаза зградата во Савар, предградие на Дака, создаде слики и звуци кои многумина нема да можат да ги заборават. Резул, на пример, јасно се сеќава на жената со разбушавена коса и крв преку лицето, чија десна нога беше приклештена под еден бетонски столб. "Ме молеше да и ја отсечам ногата и да ја ослободам. Јас едноставно се погодив таму."
Резул работи како ѓубреџија. Кога чул за несреќата, тој го оставил својот велосипед и торбата за ѓубре и истрчал до локацијата. "Ама јас не можам некому да му исечам нога," објаснува тој. Па ја оставил жената и тргнал да бара помош за неа - на празно.
Смртоносниот инцидент служи како потсетник дека ништо се нема променето во нечовечките услови под кои во Бангладеш се произведува облека за европските и американските текстилни компании. Истото може да се каже и за културата на корупција која преовладува во Бангладеш, преплавеноста со нелегално добиени дозволи за градба и лабавиот однос што сопствениците на фабрики го имаат кон безбедносните стандарди.
Уште во вторникот работниците забележале пукнатини на ѕидовите на зградата, еден ден пред таа да се сруши. Тие ја предупредиле полицијата, властите и Здружението на извозници на Бангладеш. Сите знаеа дека сопственикот на зградата без дозвола додал три дополнителни катови на веќе постојната 5-катница. Кога се случи несреќата во изградба беше 9-от кат.
Во зградата имаше пет фабрики за облека, како и канцелариите на Брак банката. По предупредувањето, менаџерот на банката одлучи да не отвораат во среда заради безбедносни причини. Тој им ги спаси животите на 11 вработени. Менаџерите на фабриките за облека им наредија на работниците да продолжат со работа како и обично.
Пред само 8 години, во истото предградие се урна зграда во која загинаа 64 лица. И оваа зграда нелегално беше крената од 4 на 9 катови. И тука, работниците произведуваа за германски компании.
Како и во 2005-та, и денес газдата на зградата, Мухамед Сохел Рана, имаше сериозни политички врски кои му дозволија да ја прави надградбата. Тој е сопственик и на уште две згради, плус земјиште.
30-годишниот Рана ги искористи своите врски за да го добие земјиштето на кое била изградена Рана плаза. Дозволата била издадена од градоначалникот, иако нему официјално тоа не му е дозволено да го прави. Иако ваквите тајни договори се чести, исклучокот овој пат е што тие се поттикнати од секоја европска компанија која купува евтини маички, и со тоа несреќата изгледаше многу поблиску до дома отколку што тоа би го сакале западните купувачи.
Фабриките во Бангладеш со недели беа под силен притисок од странските партнери, бидејќи до неодамна во земјата имаше штрајкови и протести кои го попречуваа нивното работење. Заради ова, делови на економијата на Бангладеш, (вториот најголем извозник на текстил по Кина) беа во комплетен застој. Камионите товарени со стока за Европа и САД беа заглавени на пристаништата.
Текстилната индустрија вработува околу 4 милиони луѓе и генерира речиси 80% од приходите од извоз. Заканите од партнерите се сфаќаат крајно сериозно, заради што е разбирливо што производителите биле очајни да го надоместат потрошеното време.
"Работниците од Бангладеш мораа да платат со своите животи за странците да можат да купуваат евтина облека," порачал Рој Рамеш Чандра, првиот човек на синдикатите во Дака.
Петте фабрики, произведувале облека и за германските продавници. Едната е Phantom Apparels Ltd која до 2012-та го снабдува синџирот за евтина облека NKD. Друга компанија во урнатите е Ether Tex, која произведува за Kik и C&A. Ирската компанија Primark исто така купува од една од фабриките.
"На отворањето на продавницата на Примарк во Франкфурт, 70-годишниот директор О'Донахју гордо им рече на репортерите: Гледај те ме, се што носам на себе вкупно вреди 57 евра. Сето ова е од Примарк. Вклучително и она што не можете да го видите."
Сајтот на Примарк дури има и дел за етичка трговија, според која снабдувачите на компанијата мора да го следат кодот за однесување:
"Безбедна и хигиенска работна средина мора да биде осигурена. Ќе бидат превземени адекватни чекори за спречување на несреќите... со минимализирање, колку што е можно и разумно, на причините за опасности во работната средина."
Во исто време Жизел Буркхардт од Кампањата за чиста облека, објаснува дека сите овие тврдења се дволични. Таа заедно со синдикатите во Дака, го завршила предлог договорот за заштита од пожар и безбедност на објектите.
"Го однесовме во H&M, C&A и Kik, за жал без успех. До сега договорот е потпишан само од PVH, американската компанија која ги поседува Келвин Клајн и Томи Хилфигер."
Буркхардт објаснува дека текстилната индустрија може да биде подобрена само со исплаќање на поголеми плати и воведување на нова регулација која вклучува независни, ненајавени инспекции на фабриките, кои ќе бидат финансирани од снабдувачите, купувачите и синдикатите. Таа сака и германските компании да бидат одговорни за тоа што се случува.
"Ако германските менаџери станат одговорни за злоупотребата на човековите права во нивниот синџир на снабдување, нема да им треба долго време додека да го сфатат проблемот."
Во Савар, на температура од 35 степени Целзиусови и покрај се поголемата смрдеа од распаднатите трупови, продолжува потрагата по исчезнатите и мртвите.