Ова беше прва голема акција за чистење на над 11 милиони нелегални имигранти во САД, откако Трамп на 25 јануари ја потпиша извршната наредба за справување со имиграцијата и подобрување на безбедноста на границата со Мексико.
Агенцијата за имиграција и царина (Immigration and Customs Enforcement - ICE) извршила рации во Атланта, Њујорк, Чикаго и Лос Анџелес, и низ Северна и Јужна Каролина. Според меморандум од Агенцијата објавен од Вашингтон пост, само во Њујорк се уапсени 40 луѓе. Во истиот меморандум се тврди дека 95% од уапсените се со криминално досие. Во Лос Анџелес биле уапсени 160 луѓе од кои 150 имале криминално досие.
Иако Агенцијата и до сега имаше опсежен список на основи за депортација на нелегални имигранти, со извршната одлука на Трамп на овој список се додадоа и сообраќаен прекршок или мала кражба, а ново е што и без какво било досие мигрантот може да биде депортиран.
Луѓето од Агенцијата тврдат дека овие рации биле планирани долго пред Трамп да стапне на функција или да издаде извршна наредба. Без разлика на ова, акцијата беше поздравена од Трамп, кој ја објасни како остварување на едно од неговите предизборни ветувања.
Инаку, за време на својот мандат Обама депортираше околу 2 милиони луѓе.