Во текот на целиот минат век, американската војска покажа константно непочитување на животите на цивилите. Редовно погрешно ги идентификуваше обичните луѓе како непријатели; не ги истражуваше доказите, за жртвите „жалеше“ ама тврдеше дека биле неизбежни, не успеа да спречи нивно повторување или пак да ги повика војниците на одговорност.
Овие долгогодишни практики се во комплетна спротивност со јавните настапи на американските влади кои своите војни ги продаваат како бенигни, нивните воздушни кампањи како прецизни, нивната грижа за цивилите како надмоќна а смртта на невините луѓе како „трагични“ аномалии.
„Ваквите кампањи главно служеа за да се прикријат вистинските жртви на американскиот начин на војување, од „банана војните“ од 1920-тите до „вечните војни“ еден век подоцна“, пишува Ник Турсе во Интерсепт.
Пред Втората светка војна, Американците, вклучително Френклин Рузвелт, се ужаснуваа од бомбардирањето цивили во Шпанија, Етиопија, Кина... За време на војната се смени приказната. По првиот британски бран бомбардировки на Дрезден, следуваа стотици американски бомбардери. Беа буквално спржени околу 30.000 луѓе.
Во воздушни напади за време на војната беа убиени околу 600.000 германски цивили.
Во Јапонија, САД нападнаа 67 градови, запалија 460 квадратни километри, убија над 600.000 цивили а 8,5 милиони оставија без покрив над главата.
Масовната смрт и уништувањето (малку) го поисплаши тогашниот воен секретар Хенри Стимсон кој се загрижи дека САД „ќе добијат репутација дека го надминуваат Хитлер во злосторствата“. Сепак, истиот тој Стимсон ќе потпише атомски напад врз Хирошима во кој загинаа 140.000, главно цивили и на Нагасаки, каде загинаа 70.000 души. САД никогаш не ги обештетија семејствата на тие жртви или преживеаните од нападите.
Не долго после тоа, во војната во Кореја, генералот на воздухопловните сили Кертис ЛеМеј се пофали дека САД „убиле над милион цивили Корејци и протерале уште неколку милиони од нивните домови“.
Една година пред крајот на војната во Виетнам, во Јужен Виетнам имало околу 21 милион кратери од бомби и ракети, некои широки и по 20 метри.
Во соседна Камбоџа, помеѓу 1969 и 1973 година, во американските напади загинаа 150.000 цивили.
Америка го нападна и малиот Лаос со над 2 милиона тона муниција, што, по глава на жител, е најжестокото бомбардирање во историјата.
Денес израелските власти ги оправдуваат нападите врз Газа наведувајќи ги методите што ги користеа САД и нивните сојузници против Германија и другите сили на Оската за време на Втората светска војна. Израел во Газа ја искористи и американската финта „зони за слободен оган“ - кои САД ги користеа за да отворат широки делови од Јужен Виетнам за речиси неограничени напади, убивајќи безброј цивили.
Во првите 20 години од „војната против тероризмот“, САД извршија повеќе од 91.000 воздушни напади во седум големи конфликтни зони - Авганистан, Ирак, Либија, Пакистан, Сомалија, Сирија и Јемен - и до пред две години убиле преку 48.000 цивили. Студија од 2020 година за цивилните жртви по 11 септември покажа дека повеќето од нив останале неистражени. Кога ќе се најдат под официјална лупа, американските воени сведоци се интервјуираат додека цивилите - жртвите, преживеаните, членовите на семејствата - се речиси целосно игнорирани, што комплетно ги девалвира резултатите од „истрагите“.