Трамп е гневен затоа што Панама почнала да им наплаќа на американските бродови (како и на другите) претеран надомест за користење на каналот, плус му пречи што изгледа дека Кинезите ќе имаат се поголемо влијание на преминот.
За време на говор пред неговите симпатизери во Аризона, Трамп порачува дека тој нема да дозволи каналот да падне во погрешни раце (Кина), потсетувајќи дека своевремено каналот е предаден на Панама и панамскиот народ, меѓутоа „со одредени услови“.
„Доколку принципите, и морални и правни, на овој великодушен гест на подарување не се следат, тогаш ќе бараме Панамскиот канал да ни биде вратен.
Целосно. Брзо. И без прашања,“ порачал Трамп.
Кина директно не го контролира Панамскиот канал, меѓутоа подружница на хонгконшката компанија ЦК Хачисон холдингс веќе долг период управува со две пристаништа на карипскиот и пацифичкиот влез во каналот.
САД го изградија и со децении управуваа со каналот и територијата околу него, за во 1977 да потпишат неколку договори кои доведоа до предавање на каналот во панамска сопственост. По неколку години заедничко управување Панама дури во 1999 стана целосен сопственик на каналот.
По ова Претседателот на Панама, Хозе Раул Мулино, порача „секој метар квадратен од Панамскиот канал и околината и припаѓаат на Панама и ќе продолжат да и припаѓаат.“
Одговорот на Трамп до Мулино беше: „Баш ќе видиме!“
Каналот низ кој годишно минуваат 14.000 бродови сервисира 2,5% од вкупната глобална трговија и е клучен за увозот и извозот на САД.
Во претходниот мандат Трамп беше заинтересиран за купување на Гренланд. Овој план го повтори и викендов кога го објави својот избор за американски амбасадор во Данска.