Главната употреба на амониум-нитрат е во создавање вештачки ѓубрива за земјоделството и во создавање на бомби, во индустриски капацитети а и од оние домашните за терористички потреби.
Според она што до сега се знае, пратката амониум-нитрат пристигнала во Либан во септември 2013, на руски брод кој плови под молдавско знаме. Бродот пловел од Грузија кон Мозамбик, и наводно би присилен да се закотви во Бејрут заради технички проблеми, меѓутоа, по ова либанските власти го спречиле тој повторно да исплови и со тек на време бродот бил напуштен од екипажот и сопствениците.
По ова опасниот товар на бродот бил истоварен и префрлен во хангарот 12 на пристаништето во Бејрут. Неколку месеци подоцна, на 27 јуни 2014, тогашниот директор на либанската царина, Шафик Мери испраќа писмо адресирано до неименуван „судија за итни постапки“, во кое бара решение за пратката што му лежи во склад.
Во следните 3 години, функционери од царината испраќаат уште 5 писма, во кои бараат насоки. Царината нуди и три потенцијални решенија: да направат извоз на амониум-нитратот, да го предадат на либанската армија, или да го продадат на приватна либанска компанија за оружје.
Во едно од писмата од 2016 што ги пуштаат од царина, се наведува дека немале никаков одговор од судиите на дотогашните дописи.
„Имајќи ја предвид сериозната опасност од складирање на овој производ во хангар со несоодветна климатизација, сакаме да го повториме нашето барење за итен ре-извоз на оваа пратка со цел да се зачува безбедноста на пристаништето и оние кои работат на него, или да се проба да се договори целата количина да се продаде на компанијата Либански експлозиви,“ стои во писмото од 2016.
На ова не добиваат никаков одговор, слично како што не добиваат одговор и на писмото од новиот директор на царината во 2017.
Амониум-нитратот се до вчера во попладневните часови останува во хангарот.
Досегашниот биланс е најмалку 100 загинати од експлозијата и над 4.000 повредени
На страна човечките жртви, во експлозијата е оштетен и најголемиот лифт за житарки во Либан, како и силосот за житарки со капацитет од 120.000 тони, во кој може да се сместат до 85% од резервите на житарки на земјата.