Доколку и по втор пат се откаже Олимпијадата во Токио, организаторот и МОК се пред загуба од милијарди долари.
Јапонија официјално има потрошено 15,4 милијарди долари на Олимпијадата, иако владините ревизии наведуваат дека тоа може да биде многу повеќе. Од нив 6,7 милијарди долари доаѓаат од јапонските даночни обврзници.
Откажувањето се проценува дека би ги чинело јапонските организатори околу 16 милијарди долари. Од друга страна оваа пара е ситница во однос на штетата што би била причинета на јапонската економија ако Олимпијадата доведе до ново незапирливо ширење во земјата и ја присили јапонската влада да прогласи уште една ковид вонредна состојба.
Организаторот ќе треба на спонзорите да им надомести рекордни 3,3 милијарди долари за настанот, што е плус на 800-те милиони долари што веќе ги изгубија од продажба на влезници.
Јапонија и правно се наоѓа во многу непријатна позиција, па според договорот што го потпиша со МОК во 2013 кога ја доби организацијата, само Меѓународниот олимписки комитет има овластување да ги откаже игрите. Јапонија технички може да ги блокира игрите со локални политики кои ќе се однесуваат на публиката и спортистите, меѓутоа ќе треба да го сноси трошокот и да му компензира на МОК за сите загуби и тужби од трети страни (телевизии, спонзори...).
„Шансите дека МОК ќе ги откаже игрите практично се нула. Организацијата вади 75% од своите приходи од продавање на телевизиските права, а уште 18% доаѓаат од 15-те најголеми спонзори.
Според пресметките МОК би можел да изгуби меѓу 3,5 до 4 милијарди долари приходи од телевизиски права ако се откаже Токио 2020,“ пишува Џастин Мекури во текстот за Гардијан.
Неделава и најголемиот извор на пари на МОК, ЕнБиСи Универзал, потврди дека продолжува со подготовките за пренос на 7.000 часови програма на 8 телевизиски мрежи и повеќе дигитални платформи.
Премиерот на Јапонија пред некое време објави дека ниту избраната влада на суверена нација не може да ги сопре игрите.
За сега ставот на МОК е дека само „армагедон“ ќе го спречи одржувањето на Токио 2020.